понеделник, 12 јануари 2026

Мециновиќ од Левица предлага укинување на РКЕ и префрлување на ингеренциите во Министерството за енергетика

На денешната прес-конференција, Амар Мециновиќ, пратник и потпарол на Левица, изјави дека постојниот модел на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ја продлабочува енергетската сиромаштија и овозможува прелевање на јавни пари во приватни џебови. Тој го истакна предлогот на Левица за укинување на РКЕ и префрлување на нејзините ингеренции на Министерството за енергетика.

Објавено на

часот

Сподели

„Во период кога струјата постојано поскапува, станува сѐ појасно дека нашата енергетска сиромаштија ги окупира животите на граѓаните. Потребно е веднаш да се реагира во законската материја. Енергетиката не е технократска играчка туку е основа за нормален и квалитетен живот. Тоа е јавен интерес од највисок ред“, изјави Мециновиќ.

Тој посочи дека илјадници семејства живеат во енергетска сиромаштија додека цените на струјата растат, јавните претпријатија тонат во долгови, а приватните електродистрибутери остваруваат континуирани профити.

„Овој систем не е случаен, туку е резултат на континуирани избори скриени зад маската на независноста на РКЕ. Таканареченото независно тело РКЕ со години функционира како штит за интересите на ЕВН и на сите други приватни електродистрибутери, а не како заштитник на граѓаните. Невидливото политичко влијание е најопасното за граѓаните“, додаде тој.

Мециновиќ нагласи дека укинувањето на РКЕ е потребно за јасна политичка одговорност.

„Предлагаме укинување на РКЕ за да постои политичка одговорност, за да може да се повикаат на политичка одговорност нашите премиери, нашите министри, кога сметките растат вртоглаво“, рече Мециновиќ.

Тој исто така истакна дека ЕСМ континуирано работи со загуби, додека ЕВН остварува вртоглави профити.

„Јавниот интерес се уништува, струјата постојано поскапува затоа што ова не е слободен пазар, туку систем за прелевање јавни пари во приватни џебови. Јавните претпријатија беа втурнати на слободен пазар со одлука на РКЕ и наместо стабилност, добивме хаос во кој приватните профитираат, а јавните се ослабени и тонат во долгови“, рече Мециновиќ.

Како пример за спорни одлуки, Мециновиќ го посочи изборот на „ЕВН хоум“ за универзален снабдувач, воведувањето паушални фактури без отчитување на броилата и скалестото тарифирање.

„Скалестото тарифирање е социјално праведно, само ако има 100 отсто отчитување на броилата. Сè друго е казнување на сиромашните“, додаде тој, нагласувајќи дека долгот на ЕСМ надминува 200 милиони евра.

Мециновиќ исто така посочи спорни врски на претходниот претседател на РКЕ, Димитар Попов, кој претходно бил член на ВМРО-ДПМНЕ и потоа се вработил во ЕВН.

„Прашањето е очигледно: за кого работел претседателот на РКЕ помеѓу неговиот ангажман во ЕВН? За кого работи денеска Бислимовски?“, праша Мециновиќ.

На крајот од прес-конференцијата, Мециновиќ информираше дека Левица ќе присуствува на најавената лидерска средба.

„Како парламентарна партија, која една и пол година се обидува да воспостави комуникација со парламентарното мнозинство преку предлагање закони и консензус за државни прашања, сметаме дека сега е времето да влеземе во конструктивен дијалог. За нас е најбитно да се создаде демократска атмосфера за време на изборите и нашите барања ќе одат во таа насока“, заклучи Мециновиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ