„Скопје го загуби саемот поради сите претходни власти кои не успеаја да ги зачуваат и надоградат капацитетите за новите генерации. Наместо тоа, денес тој простор е претворен во трговски центар, што ја одразува политиката на уништување на јавните простори за личен профит. Затоа новиот саем е од клучна важност, бидејќи повторно ќе овозможи простор за сите подеднакво – за култура, заеднички активности, образование и социјализација на скопјани“, изјави Мециновиќ.
Проектот предвидува изградба на изложбени хали на површина од 20.000 квадратни метри, конгресен центар за јавни собири и трибини, како и отворени простори за културни настани и заеднички активности. Според Мециновиќ, новиот комплекс ќе биде лесно достапен и ќе придонесе за создавање нов културен и економски центар во градот.
Во рамки на проектот е планиран и голем парк кој, како што вели Мециновиќ, треба да стане „белодробен систем на северот на Скопје“. Паркот ќе содржи централен тревник за фестивали и собири, детски игралишта, спортски терени, тематски градини, амфитеатар на отворено и еко-патеки со современа инфраструктура.
„Идејата е саемот и паркот да функционираат како целина, како куќа на јавниот живот, простор за културни манифестации, собири и дијалози, но и како зелено прибежиште за спорт, детска игра и колективна релаксација. На тој начин го враќаме јавниот интерес пред приватниот профит“, додаде кандидатот на Левица.






