четврток, 18 декември 2025

Мециновиќ: Ако Вардариште е навистина затворена депонија, не смее да се користи како претоварна станица

Вардариште не може да биде парк, ниту простор за прошетки. Тоа е депонија што повеќе од половина век труе и загадува, порача кандидатот за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, се вели во соопштението од Левица,

Објавено на

часот

Сподели

Тој потсетува дека уште во 1970 година започнало истоварање отпад на просторот ископан по земјотресот во 1963 година, а во 1980 година, Вардариште е оформена како официјална депонија со ограда и цевки за метан. Во 2017 властите формално ја прогласија за затворена, но и денес продолжува да се користи како претоварна станица за отпад.

„Земјата и подземните води се длабински контаминирани, а неконтролираните палења постојано го трујат воздухот. Ако Вардариште е навистина затворено, тогаш не смее да се користи како претоварна станица. Ова е обврска и на институциите и на ЈП Комунална хигиена, затоа што единствена легална депонија во Скопје е Дрисла“, нагласи Мециновиќ.

Тој предупреди дека идејата да се претвори во парк е лажно решение.

„Не е хумано деца и луѓе да шетаат по отровен терен. Експертите велат: колку траела депонијата, толку години ќе бидат потребни за целосна деконтаминација“, изјави тој.

Како кандидат за градоначалник, Мециновиќ предлага конкретен план: Вардариште веднаш да се затвори за јавен пристап, сите остатоци од отпад да се транспортираат исклучиво во официјални регионални депонии, а позеленувањето на просторот да се планира долгорочно, со визија за неколку децении напред. Тој смета дека мора да се изврши техничка анализа за изградба на биогасна централа до 1 MW, со што метанот од Вардариште ќе може да се претвори во струја за уличното осветлување. Дополнително, потребно е целосно да се анализира и да се спроведат заклучоците од студијата за Вардариште изработена во 2014 година, како и да се изработи нова студија за можноста на овој простор да се изгради затворен фабрички центар за рециклирање на отпад.

„Вардариште е тест за одговорноста на институциите, но и на сите нас кои не смееме да им довериме мандат на оние што веќе имале безброј можности да постапат во интерес на здравјето на скопјани. Решението што го нудам е реално, системско и единствено во полза на граѓаните“, порача Мециновиќ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ