понеделник, 8 декември 2025

МД„Илинден“-Тирана бара од албанската влада 24-часовна отвореност на граничниот премин Требиште-Џепиште

Македонското друштво „Илинден“-Тирана повторно ја актуализира потребата за 24-часовно работење на граничниот премин Требиште – Џепиште, кај Дебар, барајќи од албанската влада итно решавање на ова прашање.

Објавено на

часот

Сподели

„Бараме од Владата на Република Албанија под итно да го реши долгогодишниот проблем со работното време на граничниот премин Требиште – Џепиште. Тоа значи преминот да работи 24 часа, како што беше договорено од владите на Македонија и Албанија на заедничката владина седница во Поградец на 15 декември 2017 година, како дел од напорите за подобрување на регионалната поврзаност“, се наведува во соопштението на друштвото.

Сепак, и покрај оваа одлука, се додава, граничниот премин и денес функционира, како премин од локален карактер, што подразбира со ограничено работно време што претставува сериозен проблем за жителите на Голо Брдо, особено во зимскиот период, кога ниските температури, снегот и неповолните временски услови дополнително ја ограничуваат нивната комуникација и движење.

„Владите на Македонија и Албанија официјално се согласија дека граничниот премин треба да работи 24 часа. Неспроведувањето на оваа одлука претставува непочитување на билатералните договори. Други гранични премини меѓу Македонија и Албанија функционираат 24 часа, па се прашуваме зошто оваа одлука сè уште не е спроведена и за овој премин и не тера на помислата дека станува збор за дискриминација во однос на другите гранични премини“, се посочува во соопштението, потпишано од претседателот Никола Ѓурѓај и Фатри Фетаху координатор на друштвото за оваа област.

Покрај другото се наведува дека областа Голо Брдо е една од најизолираните во Албанија, со лоша патна инфраструктура и ограничен пристап до основни услуги и се нагласува дека овој премин е единствената врска за многумина со блиските македонски градови, заради работа, трговија и други економски активности.

Граничниот премин Требиште – Џепиште, кој ги поврзува областа Голо Брдо со Македонија, беше официјално отворен во мај 2013 година. Бидејќи е од локален карактер, во летниот период, односно од први април до 31 октомври, работи од 8 до 20 часот, додека од 1 ноември до 31 март, од 8 до 18 часот. Право да го користат имаат само жителите од граничниот регион на двете држави.

Фреквенцијата на преминот е во постојан раст. Според статистиката на македонското МВР, минатата година минале 51.080 патници, од нив странски 48.116 и 2.964 македонски државјани. Споредено со претходната година бројот е поголем за 12.255 патници.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ