Се оценува дека станува збор за класична медиумска манипулација со цел замолчување на македонските активисти во Република Албанија.
„Во споменатата емисија Талури, директно ја напаѓа македонската партија, Македонска алијанса за европска интеграција(МАЕИ) и нејзиниот претседател. Овие емисии претставуваат продолжение на долгогодишната политика на Бугарија за негирање на македонската нација и македонскиот идентитет“, се наведува во соопштението.
Се додава дека Ервис Талури, роден и израснат во Албанија, од татко Албанец и мајка Македонка, по целосно школување, финансирано и организирано од бугарската држава – од средно образование до докторски студии – денес се враќа во Албанија како „експерт“ за бугарско малцинство, со задача да ги негира Македонците, да ја напаѓа македонската партија и да ја релативизира вистината.
„Таквата политика, која користи методи од 19 век, е спротивна на европските вредности и основните човекови права. Но јавноста мора да знае: зад оваа пропаганда стои добро организиран механизам. Друштвото за бугарско-албанско пријателство со години е поврзано со бизнисот со бугарски пасоши, каде од албански граѓани се наплаќаат илјадници евра за ‘докази за потекло’, лажни потврди и посредување. Овој криминален модел не е тајна – за него имаше апсења и во самата Бугарија и Албанија, а дел од инволвираните лица завршија и на меѓународни црни листи“, се нагласува во соопштението, потпишано од претседателот Никола Ѓурѓај.
Од друштвото порачуваат дека „и покај притисоците со кои сме постојано соочени – преку разни методи, ќе продолжиме одлучно да се бориме против негацијата на македонскиот идентитет од страна на бугарските оркестрирани структури, како во Албанија, така и во европските институции“.






