„Нема ништо поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на својот мајчин јазик. Јазикот е непресушен извор кој треба постојано да се негува и пред сè да се зачува чистината на убавиот македонски збор. Македонскиот јазик е наше минато, сегашност и иднина“, се наведува во објавата на друштвото.
Честитајќи ви го утрешнот ден, нагласуваат од МД Илинден – Тирана, сакаме да го истакнеме значењето на образованието на мајчин јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ.
„Знаењето и негувањето на мајчиниот македонски јазик за децата од македонското национално малцинство во Република Албанија, значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, со што нашите деца ќе бидат воспитани соодветно да ги негуваат своите културни и верски традиции. Тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ“, се додава понатаму.
Се посочува дека Македонците во Албанија ги има во четири етнички области: Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Врбник, како и во најголемите градови, Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Билишта, Подградец, Скадар, Кукс, Берат, Либражд, Валона, Фиер, Патос.
Според друштвото бројноста на Македонците во Албанија е над 100 илјади, но за жал, во 21 век, ним статус на малцинство им е признаено само во Мала Преспа, каде имаат право на образование на мајчин јазик.
Потсетува дека повеќе од три децении, од сите албански влади, барале образование на мајчин јазик за децата од Голо Брдо, каде настава на македонски имало до педесеттите години од минатиот век, потоа во Гора, како и во другите делови каде концентрацијата на Македонците е поголема, но позитивен одговор нема.






