„Во периодот од јули до октомври 2023 година, обвинетиот упорно и неовластено ја следел неговата поранешна сопруга, со крајна решеност да воспостави несакан контакт. Неговото однесување преминало граници на обична љубопитност – се претворило во континуирана опсесија. Редовно и се јавувал на телефон, испраќал пораки со вознемирувачка содржина, и се појавувал во близина на зградата каде што живеела оштетената, демнејќи ја и додека се движела кон своето работно место“, велат од Обвинителството.
Во телефонските повици и пораките, обвинетиот упатувал закани, навреди и зборови што длабоко ја вознемирувале жртвата.
Со своите постапки, додаваат од Обвинителството, психички ја измачувал, внесувал немир во нејзиниот секојдневен живот и ѝ всадувал чувство на страв, несигурност и постојано загрозување на личната безбедност.