среда, 16 јули 2025

„Матни“ настани во мај: Онкологија, дигитализација на матичните книги, општини без зеленило…

На листата на „бистри“ настани на Транспаренси интернешнл Македонија се разрешувањето на судијата Енвер Беџети, укинувањето на членови на Изборниот законик, кривични пријави во М-НАВ…

Објавено на

часот

Сподели

Транспаренси интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејства поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата.

Матни

Давале терапија која им ја влошувала состојбата на пациентите болни од канцер – детали за обвиненијата против директорите и лекарите од клиниката за Онкологија – Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истрагата и до Основниот кривичен суд Скопје и поднесе две обвиненија за предметот „Онкологија“. Првото обвинение, кое се однесува на економското работење на Клиниката опфаќа две лица.

Управниот суд ја поништи одлуката за избор на Елизабета Дуковска за уставен судија – неправилно спроведена постапка за избор при која Судскиот совет не ги разгледал сите кандидати подеднакво и не ги почитувал критериумите од Законот за судски совет е причината поради која Управниот суд ја поништи одлуката за избор на Елизабета Дуковска за судија на Уставниот суд.

Нетранспарентност во процесот на преговарање – реакција на Платформата на граѓански организации за борба против корупција за договорот меѓу Македонија и В. Британија. Платформата на граѓански организации за борба против корупција реагира на нетранспарентноста на процесот на преговарање на договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Обединетото Кралство во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, односно како што го нарекува Владата „Договор Влада со Влада“.

Политички експонирани лица не пријавиле сопствеништва во фирми во изјавите за интереси во ДКСК – истражување на ЦГК. Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) со анализа на истражувањето за откривање на евентуални судири на интереси и злоупотреба на моќ при јавните набавки кај политички експонираните лица. Во анализата се вели дека преку регистарот на вистински сопственици се откриени сопствеништва во фирми на политички експонирани лица (градоначалници и министри) кои не им се пријавени во изјавите за интереси доставени до антикорупциска.

Лани најмногу прекршувања на човековите права имало околу вадењето патни исправи и правосудството. Согласно годишниот извештај, најмногу прекршувања на човековите права лани имало во делот на граѓанските состојби, претежно врзани со неможноста за добивање на лични документи, поточно патните исправи.

За дигитализација на матичните книги 8,5 милиони евра, а дел од граѓаните добиваат изводи издадени на машина за пишување. Државниот завод за ревизија укажува дека се уште не е завршена дигитализацијата на матичните книги  и покрај тоа што започнала пред повеќе од една деценија и во неа се вложени над 520 милиони денари.

ДЗР откри сомнителни финансиски извештаи и набавки на Клиниката за хематологија. Државниот завод за ревизија изрази неповолно мислење околу вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Клиниката за хематологија и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2023 година.

ДЗР: Ниту една општина во седиште во град не го исполнува стандардот за зеленило. Од 34 општини со седиште во град, ГУП-овите на 22 општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 метри квадратни по глава на жител, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија.

За мито од стотина евра „издавале“ уверенија за странци во центарот на Скопје. Повеќе службеници од Одделот за странци во Управните служби на МВР се опфатени со истрагата за злоупотреби и издавање на документи за регулиран престој во Македонија на странски државјани. Противзаконските „услуги“ биле вршени во канцелариите на Управните служби во МВР, каде што се приведени повеќе лица- вработени во полициските служби.

Бистри

Разрешен Енвер Беџети, судијата кој заедно со Артан Груби заврши на црната листа на САД поради сомнежи за мито во судски предмет за Сашо Мијалков. Судски совет го разреши апелациониот судија Енвер Беџети, одлуката е донесена на попладневниот затворен дел на седницата. Судскиот совет еднаш го казни парично Беџети кој 9 месеци го чуваше предметот Таргет Тврдина. Откако судијата се најде и на црната листа на САД лани, Судски Совет повторно отвори постапка против Беџети. Тој има право на жалба, но е суспендиран до правосилност на одлуката. Беџети се најде на црната листа на САД заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби кој сега е во бегство. Беа посочени за мито при одлучување на Беџети во предмет за Сашо Мијалков односно за масовното нелегално прислушување. Предметот застаре откако предолго помина во рацете на Беџети.

Врховен суд ја прифати како законска тајната снимка со која аптекарот од Онкологија беше осуден за примање поткуп од починатата пациентка Минка Веизовска. Пациентката од Клиниката за онкологија Минка Веизовска, која имаше рак на белите дробови го пријави аптекарот од болничката аптека на Клиниката дека ѝ барал пари, за да му даде биолошка терапија „кејтруда“ која инаку ѝ следувала со специјалистички извештај беспари.

Уставен ги укина членовите од Изборниот законик со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати. Уставниот суд ги укина членовите од Изборниот законик со кои се зголемија квотите на граѓански потписи кои требаше да ги соберат независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори.

Кривични пријави за директор и раководител на одделение во М-НАВ – го оштетиле буџетот на компанијата за речиси 1,5 милиони денари. Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против осомничен во својство на поранешен извршен директор на Сектор за Воздухопловна техника во акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје поради основи на сомнение за сторено кривично дело ,,злоупотреба на службена положба и овластување член 353 став 2 од Кривичниот законик  и против уште еден осомничен во својство на в.д. раководител на одделение за јавни набавки во М-НАВ АД Скопје поради основи на сомнение за сторено кривично дело ,, Несовсено работење во службата член 353-в став 2 од Кривичниот законик.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ