сабота, 20 декември 2025
Транспаренси Интернешнл – Македонија

Матни игри со службени возила и милионски долгови, бистри чекори во борбата против корупцијата

Транспаренси Интернешнл – Македонија ја продолжува редовната месечна активност „Бистро-Матно“, со која се следат случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата. Активноста, која доби силен одзив и во јавноста и кај домашните и странските чинители, со текот на времето прерасна во релевантен показател за состојбата со корупцијата и за волјата на државата да се справува со овој проблем. На тој начин, сите заедно придонесуваме за подигнување на свеста за корупцијата во општеството.

Објавено на

часот

Сподели

„Матни“ настани за септември 2025 година

Повеќе од половина институции не доставиле податоци до ДКСК за службените возила – Според Изборниот законик, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал имаа обврска до 18 август да достават податоци до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за бројот, видот, регистарските таблици и возната состојба на службените возила. Вкупно 1.514 институции имале таква обврска, а до денеска тоа го сториле само 635 институции или 42 проценти. Останатите 879 институции (58 отсто) воопшто не доставиле информации.

Ревизија го разоткри Министерството за образование и наука – милионски долгови, недовршени студентски домови и скапани учебници во магацини

Државниот завод за ревизија ја заврши ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на Министерството за образование и наука за 2023 година. Извештајот откри сериозни пропусти во повеќе сегменти: управување со капитални инвестиции, доделување стипендии, обезбедување учебници и ненаплатени долгови. Проблематичен е случајот со државниот студентски дом во Тетово, во кој се вложени милиони евра, а кој бил пуштен во употреба без технички преглед и без дозвола за користење.

Сведок кој снимал корумпирани цариници обвинува дека идентитетот му бил откриен

Сведок во акцијата „Премин“, со која беа уапсени 16 цариници, тврди дека обвинителките им го откриле неговиот идентитет на најмалку двајца обвинети. Станува збор за камионџија кој пријавил дека цариници постојано му бараат мито и кој со посебни истражни мерки ги снимил моментите на барање и примање мито. Тој смета дека со тоа му е загрозена безбедноста. Од Обвинителството, пак, уверуваат дека процедурите не биле нарушени и дека не е загрозена безбедноста на ниту еден сведок.

Потпис од 16 лекари: непотребни операции наплатени од ФЗО

Шеснаесет кардиолози и кардиохирурзи од државните клиники потпишаа документ во кој се наведува дека осум пациенти биле подложени на непотребни кардио-операции во приватна клиника, а трошоците биле наплатени од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Лекарите посочуваат дека нема медицинска оправданост за изведувањето на овие операции. „Дека нема вистинска причина за операција, според медицината базирана на докази“, гласи нивниот став. Станува збор за класични операции, а не за стентирање, за кое ФЗО нема договор со приватните клиники.

Секој трет граѓанин имал допир со корумпиран службеник

Истражување на Факултетот за безбедност покажа дека секој трет граѓанин или негов роднина имал контакт со корумпиран службеник. На научна конференција посветена на темата беше укажано дека системската корупција претставува сериозна безбедносна закана, бидејќи со инфилтрација во институциите се парализира нивното функционирање. „Резултатите се фрапантни. Секој трет граѓанин или негов роднина имал допир со корумпиран службеник. Од тој аспект треба да имаме посериозен пристап кон ова прашање“, изјави деканот на Факултетот за безбедност, Јонче Ивановски.

„Бистри“ настани за септември 2025 година

Едукативна игра „Сива зона“ за младите

Седум студенти од Македонија изработија електронска игра „Сива зона“, наменета за средношколци, која има цел да ја подигне свеста за корупцијата и последиците од неетичките одлуки. Играта поставува реални коруптивни ситуации, а играчите носат одлуки со кои се мери интегритет, репутација, време и пари. Се промовираат вредности како чесност, интегритет и отпор кон корупција, а алатката ќе може да се користи и во наставата и во неформални едукативни програми.

Кривична пријава против шест вработени во ЈП „Национални шуми“

Шестмина вработени добија кривични пријави за несовесно работење и злоупотреба на службената положба, со што нанеле штета на буџетот на претпријатието од над 170.000 евра. Пријавените не извршиле теренска контрола во рамки на своите службени должности.

Кривична пријава против тројца полицајци

Одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги при МВР поднесе кривична пријава против тројца полицајци од Одделението за прекршоци при СВР Скопје. Тие не постапиле по записници за сообраќајни прекршоци и прекршочни платни налози во законскиот рок, при што е направена штета до два милиони денари. Непостапувањето се однесува на периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2023 година.

Телефон и е-мејл за пријавување злоупотреба на службени возила

Службата за општи и заеднички работи објави телефонски број и електронска адреса на кои граѓаните можат да пријавуваат незаконита, партиска или приватна употреба на службени возила. „Ги охрабрувам граѓаните да пријавуваат сомнежи за злоупотреби. Ние ќе ги препраќаме до надлежните институции за истрага и соодветни мерки“, изјави директорот Томовски. Пријавите може да се поднесат на телефонскиот број 070 399 050 или на е-поштата: [email protected].

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ