„Како што сме упатени, практично оваа фаза може да трае и повеќе месеци, но одолговлекување без оправдана причина е спротивно на законот и претставува основ за реакција од страна на нас оштетените или јавноста. Оценка на обвинителен акт нема строг рок, но должност е да одлучите во разумен рок. А поминаа скоро 3 месеци отккако е донесен обвинителниот акт, приговорите од обвинетите се поднесени и единствено се чека од вас – оценка на обвинителниот акт. Затоа, ве молиме да ни доставите информација дали постои одреден рок во кој Советот е должен да донесе одлука и доколку не, ве молиме да укажете кога приближно може да се очекува завршување на оваа постапка, имајќи го предвид начелото за постапување во разумен рок (член 6 од ЗКП)“, праша Розета Џамова, сестра на еден од починатите во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Во меѓувреме, истрагата за трагедијата во „Пулс“ се прошири, откако вчера Обвинителството поднесе нов обвинителен акт против уште едно лице во врска со пожарот во дискотеката во Кочани. Новообвинетиот, реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушн“, се товари за тешки дела против општата сигурност, поради сериозни пропусти во организацијата и спроведувањето на мерките за заштита во објектот. Обвинението е поднесено до Основниот кривичен суд Скопје, а обвинителството бара продолжување на сите претходно определени мерки за обезбедување на присуството на обвинетиот во текот на постапката.






