понеделник, 15 декември 2025
68 години од смртта на првиот претседател на президиумот на АСНОМ

Марија Јакимоска, ќерката на Ченто: И денес ме боли што не ми дозволија да израснам покрај толку голем човек

Многу малку време имав со мојот татко. Односот татко – ќерка ни беше скратен, ама ги познавав неговата душа, ставови, идеали со кои се гордеам безусловно, се сеќава ќерката на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, борецот за независна и целовита Македонија, Методија Андонов Ченто, 86-годишната Марија Јакимоска на денешната 68-ма годишнина од неговата смрт. А, самиот Ченто во една прилика ќе признае дека поради него настрадало целото негово семејство. 68 години подоцна токму ова признание на Ченто на својот фејсбук профил ќе го сподели неговиот внук Јане Ченто, кој исто како и неговиот дедо, во овој момент служи затворска казна за упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Јане Ченто е осуден на 13 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок.

Фото: Фејсбук профил на Јане Ченто

Објавено на

часот

Сподели

Јакимоска се заблагодари на поканата на локалните власти, прва по многу години да биде дел од одбележувањето на неговата смрт пред споменикот на Ченто во центарот на Прилеп. Годините ја намалиле физичката активност, но не влијаат на јасните сеќавања, ниту на жалта што не поминала подолго со својот татко.

„Уште од моето раѓање (1939 година), а и пред тоа, татко ми бил по затвори. Војната (1940) го затекнала во интернација во Баина Башта. Од пријатели двапати бил спасен од смрт. Кога си дојде, Бугарите го затворија, беше трипати интерниран. Потоа отиде партизан. Ова често се случуваше до моите пет години. Болката ми е најголема до-ден-денес што не ми било дозволено да израснам покрај толку голем човек“, раскажува за МИА, ќерката на Ченто, Марија.

Дури кога Марија наполнила пет години, се собрале, за првпат, како семејство. Во Скопје. Ама, тогаш Методија Андонов Ченто бил Претседател (на првиот президиум на АСНОМ).

„Тогаш татко ми беше по цел ден на работа. Живеевме во стан, не сакаше никакви поволности. Кога дојде личниот шофер, татко ми му рече – „Не ми треба. Собранието е на неколку чекори. Не треба ниту војник да стои пред врата. Ако мене народот не ме сака, нема потреба некој да ме брани“. Татко ми беше чесен, правичен“, се сеќава Марија.

Ќерката на Методија Андонов Ченто со тага се навраќа на времето кога првиот претседател на президиумот на АСНОМ си дал оставка на функцијата.

„Дома не зборуваше ништо за тоа. Ама паметам дека сето беше поради неговата идеја, неговите заложби. Беше и кај Тито (Јосип Броз Тито), ама тогаш беа други политички комбинаторики. Југославија да ја задржи Истра. Татко ми цел живот се бореше само за Македонија. Немаше друга партија. Кога си даде оставка, јас бев второ одделение. Само рече дека ќе се вратиме во Прилеп, пак ќе го отвори трговскиот дуќан. По четири месеци откако се вративме (1946), го затворија. Ние цел месец не знаевме каде е“, раскажува ќерката на Ченто.

Оттогаш почнала семејната голгота и уште посилните премрежја за Методија Андонов Ченто. Ќерката Марија својата „слободна“ средба со татко си ја имала дури на 16 години, на последната година од Гимназијата. Кога Ченто бил пуштен од затвор. Одлежа 9 од 11 години.

„Само една година бевме заедно. За времето во затворот ништо не кажуваше. Барем мене не. За него секогаш бев „малечкото девојче“. А, таа година се запознававме, зашто бевме туѓинци. Во 9-те години само трипати бев да го видам. Така беше дозволено-само еден од семејството. Мајка ми немаше пари, имаше големи ‘шиканирања’ од околината, а одгледа четири деца кои завршија високо образование“, се присеќава Марија.

Како студентка на архитектура ја пречекала смртта на татка си во 1957 година.

„Секогаш ми доаѓа мислата дека многу можев да добијам ако растев со таков голем човек со високи принципи и идеи. Но, ми беше оневозможено“, тажно констатира ќерката на Ченто.

И покрај рехабилитацијата на Ченто која стигна во 1991 година, Марија Јакимоска смета дека не го добил заслуженото место. Но, најмногу, како што вели, ја боли неединството на Македонците, неединството на политичарите, уште повеќе во ова време кога се соочуваме со иселувања, со предизвикувачко секојдневно живееење.

„Правиме чекори со кои не си ја почитуваме Земјата. А, јас велам, не си се почитуваме ни себе си. Многу ме боли разединетоста. Мојата, а убедена сум и пораката на татко ми била: Да се обединиме. Ако се обединиме, ако сите сме Македонци, само така може да се спротивставиме. Вака, секој може да нѐ цапа. А, ние тоа го дозволуваме. Мене ми пречат целосните промени при промената на власта од партиите. Има луѓе способни, без разлика на партија. Татко ми ме учеше дека нема посебно Срби, Бугари, Турци…Има само луѓе и нелуѓе“, вели ќерката на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Марија Јакимоска на денот на присеќавање, на 68-годишнината од смртта на Ченто.

А, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто во една прилика ќе признае дека поради него настрадало целото негово семејство.

“Загубив сѐ, материјално пропаднав, мојата политичка кареира ја започнав како чорбаџија а ја завршив како слеп сиромав. Децата се веќе 10 години без моја помош и лишени од помошта на заедницата поради мене. Му наредив на синот да прекине со студиите од економски причини. Жената ја упропастив наполно и таа се разболе. Изгубив девет години личен живот, истргав најмизерни понижувања, осуден сум за тоа што не сум го сторил, од глад сум паѓал во несвест, сум издржал девет години казна, ќе излезам поголем злосторник од германските гестаповци кои го запалија целиот свет. Од сето тоа ми остана човечкото достоинство, и тоа сакаат да ми го земат.
Јас не жалам оти ќе умрам, само ми е мака што немам време да напишам некои работи кои што историјата на македонскиот народ треба да ги одбележи, не затоа што јас сум учествувал во тие настани, треба да знаат како се одвиваала борбата за нашата слобода и да знаат кој и зошто гинел и кој што направил за неговоата слобода“, ќе забележи Ченто.

68 години подоцна токму ова признание на Ченто на својот фејсбук профил ќе го сподели неговиот внук Јане Ченто, кој исто како и неговиот дедо, во овој момент служи затворска казна за упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Јане Ченто е осуден на 13 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок.

Методија Андонов-Ченто е роден на 17 август 1902, а починал на 24 јули 1957 година. Тој беше македонски национален борец, деец и политичар и прв претседател на Президиумот на АСНОМ.

Ченто ја прифатил и ја бранел македонската национална кауза уште од раната младост што било причина поголемиот дел од животот да го помине во затвор.

Долги години по смртта, Методија Андонов-Ченто беше табу тема и ретко беше спомнуван во историските книги и учебници. Во 1990 година, на барање на неговиот син Илија Андонов-Ченто, е обновен судскиот процес против него и тогашниот Окружен суд Скопје ја укина пресудата од 1946 година. На 22 октомври 2010 година, тогашниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов посмртно го одликуваше Ченто со „Орден на Република Македонија“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ