сабота, 21 март 2026

Манасиевски: ПР-от на СДС го води Башановиќ, кум на Вучиќ

Башановиќ, кумот на Александар Вучиќ и поранешен советник на Зоран Заев во владата, го води ПР-от на СДС и Филипче – затоа се опседнати со Србија, рече на прес-конференција Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Објавено на

часот

Сподели

„Станува збор за контроверзна личност, како и матна личност во областа на енергетиката. Зоран Башановиќ е кум на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со кој не се во најдобри односи, па оттаму, Башановиќ преку Зоран Заев, Венко Филипче и СДС го напаѓа СНС од Србија, како и претседателот Александар Вучиќ.

Имено, Зоран Башановиќ е естраден турбофолк менаџер и сопственик на телевизија во Србија, човек кој е апсен за крадење облека во САД. Тој е избркан од СНС затоа што склучувал милионски договори во сомнителни комбинации повикувајќи се на кумството со Александар Вучиќ.

Исто така, Зоран Башановиќ е и куќен пријател на Зоран Заев во Грција. Човек кој му беше специјален советник во владата и земаше над 1.500 евра плата во тоа време. Но, како велат – сличните луѓе си се наоѓаат едни со други.

Зоран Башановиќ, заедно со ПР агенцијата ‘Ај медија’ во која соопштенијата и прес-конференциите ги пишува Милјан Шчекиќ, се лицата кои го навредуваат и омаловажуваат македонскиот народ. Сето ова се случува по насока на Заев, а Филипче и СДС говорат се што овие ќе им напишат. Затоа повеќе не сме вчудоневидени од соопштенијата и прес-конференциите на СДС и Филипче во кои ги напаѓаат претседателот Вучиќ и владата во Србија. Башановиќ и Шчекиќ, од скопски хотел диригираат директно на Бихачка. Овие двајца се изворот на сите лаги, манипулации и невистини кои доаѓаат од СДС и Филипче“, рече Манасиевски.

Од СДС денес повторно го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад директорот на државниот инспекторат за земјоделие, кој беше осомничен дека земал мито од 50.000 евра и за тоа беше и уапсен. Манасиевски одговори:

„СДС се однесува како мало дете на кое ќе му дадат колач и така се радува, исто така тие се радуваат и им е многу убаво на душата кога ќе се случи некаков криминал или корупција, а уште па ако личноста на некаков начин се поврзе со ВМРО-ДПМНЕ, тоа за нив е полн погодок. Кога нивни лица се апсеа и се приведуваа за кои има основани сомнение дека сториле криминал, еве на пример Артан Груби, ние од СДС не слушнавме ниту дистанцирање ниту оградување, туку само бранење на криминалот кој тие директно или индиректно го овозможувале. За него не слушнавме вака гласно да говорат.

Исто така, да ве потсетам, претседател на СДС и премиер на држава беше аболициран криминалец. Човек кој земаше едно евро за брат му и едно евро за црквата, за кои има снимки на интернет, и тоа може да се види. СДС за овој човек ниту се дистанцираше ниту се оградуваше, туку истиот стана претседател на партија, и стана премиер на држава. За него не слушнавме исто така вака гласно да говорат и да бараат правда.

Дополнително, човекот кој сега им е претседател на партијата, има директни показатели и докази, дека поради негов пропуст додека бил министер за здравство, се случи пожарот во модуларната болница во Тетово во кој живи беа запалени 14 наши сограѓани. И за него не слушнавме вака да бараат правда и да бараат од надлежните институции да постапат по овој случај, и за него не беа вака гласни, а сега се гласни, и го ставија дури претседател на партијата да им биде.

И уште еднаш би сакал да го повториме нашиот став, кој е јасен, концизен и недвосмислен а тоа е, секој кој се огрешил спрема законот, без разлика дали е од СДС, ВМРО-ДПМНЕ, или било која друга политичка партија, треба да одговара. Сите мора да бидеме еднакви пред законот и со законот нема играње“, изјави Манасиевки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ