„Лично Венко Филипче дал готова спецификација во одделот на Министерството за здравство задолжено за спроведување на набавката, велат нашите извори. Одговорното лице од Министерството за здравство кое се потпишало на спецификацијата дадена од Филипче лично, во исказ пред ОЈО изјавува: ‘сакам да појаснам дека не сум ја изготвила техничката спецификација, туку само сум ја проследила по налог на министерот Филипче до министерот за труд и социјална политика’.
Ова е исказ на лицето кое Венко Филипче го има назначено за главен и одговорен архитект на сите модуларни, одговорно лице за техничката спецификација и претседател на Комисијата за јавни набавки за 13-те модуларни болници.
Очигледно на Филипче не му требал архитект, туку потписник на неговите матни тендери. Венко Филипче е човекот кој е единствено и највисоко одговорен за смртта на 14 живи изгорени луѓе во тетовската модуларна болница. Аферата ‘провизии кои чинат животи’ celosno го демаскира Филипче.
Вистината за модуларната болница, јавноста мора да ја дознае. Утре повторно ќе објавиме нови скандали поврзани со случајот за модуларната болница и тоа како цела влада на СДС се впушта во криминал за спас на Венко Филипче“, изјави Манасиевски.