среда, 9 јули 2025

МАН бара реакција на ЈО по заканите на струмичкиот градоначалник за новинарот Драган Павловиќ-Латас

Македонската асоцијација на новинари (МАН) го повикува јавното обвинителство веднаш и недоложно по службена должност да преземе мерки за јавни закани по животот на новинарот Драган Павловиќ Латас од функционер – градоначалник на Струмица Костадин Костадинов, по најмалку 6 членови од Кривичниот законик. ВМРО-ДПМНЕ го повикува МВР да реагира и да го повика на распит градоначалникот на СДС по бруталните закани.

Koстадин Костадинов

Објавено на

часот

Сподели

„Функционерот на СДСМ – градоначалник Костадин Костадинов, преку комјутерски, информатички систем (социјалната мрежа Фејсбук) на 29 јуни јавно објави експлицитни закани по животот на новинарот Драган Павловиќ Латас. Од експлицитните закани од градоначалникот Костадинов кон новинарот Павловиќ издвојуваме: Кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – ќе ти дојде наплатата!Цела фамилија те чека за суд што ние го држиме! Правдата се зема! Осветата ќе си ја добиеш!

Освен овие експлицитни закани од Костадин Костадинов, неговиот статус е преполн и со имлицитни закани за животот на новинарот Драган Павловиќ Латас.

Јавното обвинителство е должно по службена должност веднаш и неодложно да преземе мерки против градоначалникот Костадин Костадинов кој во свое име и во име на целата негова фамилија изврши закани по повеќе основи од Кривичниот законик: согласно член 122, став 9 од Кривичнот законик, новинар е службено лице; согласно член 143 од КЗ, Костадинов како градоначалник врши малтретирање во вршење на службата; согласно член 144 – Загрозување на сигурноста, Костадинов врши серизони закани дека ќе нападне по став 1, став 3, став 4, а во врска со член 123 од Кривичниот законик за кривични дела против животот и телото; sогласно член 382 од Кривичниот законик, Костадинов спречува службено лице во вршење на службено дејствие (член 1, 2 и 4); sогласно член 392 – самовластие, Костадинов се заканува во свое име и во името на неговата фамилија (став 1, 2 и 3).

Дополнително на ова, неговиот статус со експлицитни закани по животот и безбедноста на новинарот Драган Павловиќ Латас, поттикнува закани по животот и насилство и од други лица, што е видливо и од коментарите на неговиот пост.

Затоа, бараме неодложно и веднаш, јавното обвинителство по службена должност и по ова наше јавно известување да преземе дејствија кон градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов.

И СДСМ треба да се извини и да се огради – партијата има долг историјат на насилство против новинари. Во изминатите 7-8 години, Македонија забележа невиден пад во индексот на слободата на медиумите до ниво на хибриден режим и во 2024 година, а минатата година, како последна од власта на СДСМ, забележа пад од 6 места во однос на 2023 година. Излезе од хибриден режим во 2025 година.

Сериозно сме загрижени по заканите од градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, член и функционер на политичката партија СДСМ, чии јавни настапи се преполни со закани и агресија кон секого и статуси на социјалните мрежи кои не се насочени само кон новинарот Драган Павловиќ Латас, туку и кон домашни политички актери, но и мешање во внатрешни работи на странски меѓународно признати држави.

Да потсетиме, СДСМ како режимска партија, има долг историјат на насилство против новинари, закани, притисоци, прогони, омаловажувања, навреди, клевети и лаги од нивните функционери, како што го правеше менторот на Костадин Костадинов, поранешен премиер и претседател на СДСМ – Зоран Заев.

Две телевизии, три весници беа затворени за време на режимот на СДСМ и ДУИ од 2017 до 2024 година. Над 64 новинари и медиумски работници беа кривично прогонувани во истиот мандат, најмалку тројца завршија со кривични пресуди. Со забрани за извршување на новинарската работа во институциите на државата се соочија најмалку 10 медиуми за време на режимот на СДСМ. Седум главни уредници со наредби од врвот на власта беа сменети во режимот на СДСМ. Физички повредени беа најмалку 10 медиумски работници од членови и симпатизери на СДСМ и ДУИ. Можеме да набројуваме во недоглед колку инквизиторски постапки против новинари и медиуми презема политичката партија СДСМ.

Овие последни закани од градоначалникот Костадинов, се серизно кршење не само на новинарските права, слободи, туку и на основните човекови права на живот, безбедност, движење.

Освен што бараме недоложна и итна постапка од јавното обвинителство, бараме и од политичката партија СДСМ да си преземе мерки против своите членови кои се закануваат по безбедноста и животот на новинарите, во конкретниов случај против Костадин Костадинов.

Бараме од раководството на СДСМ да се огради од заканите на градоначалникот на Струмица и член на партијата и јавно да се извини не само за овие закани, туку за инквизицијата и фашизмот кои ги спроведуваа кон новинарите и медиумите во изминатите 8 години. Доколку не се извинат, ќе сметаме дека тие се соучесници во истите и ја продолжуваат традицијата на недемократски практики и методи на закани и замолчувања.

За овие закани од градоначалникот Костадинов од СДСМ, веќе испративме известување до светската и европската федерација на новинари.

Нашиот правен тим веќе ги презема сите правни мерки за санцкионирање на градоначалникот на Стрмица и член на СДСМ Костадин Костадинов“, соопшти МАН.

И ВМРО-ДПМНЕ денеска најостро го осуди овој говор на омраза од страна на Костадин Костадинов врз новинарот Драган Павловиќ-Латас и побара итна разрешница.

„Ова е доказ за тоталната безидејност на СДС. Кога немаат идеи – имаат омраза, кога немаат програма – имаат насилство, кога немаат политика и предлози – имаат некрофилија. Градоначалникот на Струмица и близок соработник на Заев, оди по неговите стапки. Едниот живи луѓе јадеше, овој сега се заканува на новинари дека ќе се осветува на свој начин.

Матрицата на СДС е таа и нема менување. Позади ваквата нарачка за линч на новинар седат директно Венко Филипче и Зоран Заев. Ова се вистинските лица на соработниците на Заев и Филипче. Повикуваат на убиства на новинари, ова го нема никаде. Партијата чиј член и градоначалник е Костадинов, молчи и не се оградува од коментарите на Костадинов“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ