Оваа реакција на МАН доаѓа откако лидерот на СДСМ Венко Филипче на прес-конференција не дозволи новинарско прашање од ТВ Алфа коментирајќи со зборовите „фејк њуз“ и „престанете со пропагандата на ВМРО“.
Од МАН посочуваат дека „нема да дозволат да се повтори прогон на новинари и медиуми како во времето на мрачниот режим на Зоран Заев, ментор на Венко Филипче, кој ги прогласуваше медиумите за непријатели, организираа протести пред домовите на нашите членови и користеа физички напади врз новинарите, а со помош на обвинителството и судството вршеа и вршат прогон на сите професионални новинари и медиуми кои не се под контрола на СДСМ.“
„Љубомир Јовески и Љупчо Коцевски, контролирани од СДСМ се директно одговорни за прогон на над 60 професионални медиумски работници, затворање на дневни весници и две телевизии во режимот на Заев. Овој пат, нема да оставаме стапови пред штабот на СДСМ за да нѐ тепате и лисици пред Обвинителство за да нѐ апсите. Овој пат, знаеме како, нема да дозволиме враќање на режимот на Заев преку Филипче“, соопштија од МАН.
СДСМ денеска со ново соопштение го обвинија МАН дека нивните реакции се напади врз СДСМ напишани од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите соопштенија излегуваат од кујната на ВМРО. Истата канцеларија, истиот центар пишува за МАН, пишува за Алта банка, за квислингот, за сите. Во таа паника, вчера соопштението на здружението МАН го започнаа со: ‘Овој пат нема да дозволиме враќање на режимот на Заев преку Филипче’, како да се политичка партија, а не здружение на новинари“, се наведува во реакцијата на СДСМ.






