Се работи за пропуст при кој податоците на едно лице се поврзуваат со друг телефонски број, па така прекршокот што системот Безбеден град го препознал кај одреден возач, наместо на неговиот телефон, стигнува кај сосема друг човек.
Граѓани реагираат дека на нивните телефони и мејлови добиваат известувања за прекршоци што воопшто не ги сториле, а во дел од случаите станува збор и за малолетни лица кои не поседуваат возачка дозвола. Овие случаи отвораат сериозни прашања за заштитата и управувањето со личните податоци во системот „Безбеден град“.
Од Агенцијата за заштита на личните податоци за нашиот медиум објаснуваат дека, според Законот за заштита на личните податоци, обработка на лични податоци претставува секоја операција или збир операции врз лични податоци – собирање, евидентирање, чување, користење, откривање преку пренесување или правење достапни, ограничување, бришење или уништување.
„Доколку некое лице смета дека му е повредено правото на заштита на личните податоци поради неовластено откривање на неговите податоци, тоа лице има право да поднесе Барање за утврдување на повреда преку веб-страницата на Агенцијата или директно во нашите простории,“ велат од институцијата.
Од Агенцијата додаваат дека согласно Законот, тие вршат супервизија како независна контрола над законитоста на обработката на личните податоци. По поднесено Барање, се започнува вонредна супервизија, преку собирање документација, констатирање состојби на лице место, составување записник и донесување решение.
„Во изминатиот период примивме неколку иницијативи од граѓани кои добиле записници со туѓи лични податоци на своите е-маил адреси, поврзани со системот ‘Безбеден град’. Согласно законските надлежности, Агенцијата ќе започне со спроведување на вонредна супервизија,“ наведуваат од институцијата.
По завршување на постапката, од Агенцијата велат дека ќе излезат со соопштение до јавноста за исходот на супервизијата.
Системот за санкционирање на сообраќајни прекршоци Безбеден град официјално ќе започне да функционира од 1 февруари 2026, а во пробна работа беше ставен во Скопје на 1 декември, и беше најавено дека казнувањето ќе стартува од јануари 2026.
Системот ќе функционира со фиксни камери, кои ќе регистрираат брзина на движење, поминување на црвено светло и нерегистрирани возила, а ќе биде дополнет и со специјализирани полициски возила опремени со уреди за снимање, кои ќе се движат низ градовите и ќе документираат непрописно паркирање и други прекршоци.
На 1 декември, во првите 12 часа од пробното снимање на улиците беа регистрирани 65.000 сообраќајни прекршоци, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Од нив, за поминување на црвено светло се 2.800 прекршоци, а нерегистриран автомобил возел 1.000 граѓани.
Прекршителите во текот на месецов, а со одложувањето и во јануари, нема да бидат казнувани, туку ќе добиваат само опомени дека направиле прекрошок. Но, дел од сторените прекршоци завршија на погрешни телефонски броеви, наместо кај прекршителите.
К.Д.






