среда, 11 јуни 2025

Македонските вина најпрепознатливи на Саемот на Кина-ЦИЕ

Голем е интересот на земјите и компаниите од Централна и Источна Европа за презентација и продажба на свои производи и за соработка со Кина на 4. Саем на Кина со земјите од ЦИЕ, велат македонските претставници на овој саем.

Објавено на

часот

Сподели

На продажба на свои производи и можна соработка се надеваат и претставниците на четиринаесет наши компании, кои се веќе познати по своите квалитетни кондиторски производи, сокови, но и вина кои, како што е познато, можат да се купат на кинескиот пазар. Меѓу нив има и една ИТ компанија, пишува МИА.

Во Нингбо со свои производи се претставуваат компаниите  Алтера Фуд, Витаминка, Винчини, Бест Фуд, Виталија, Евал, М3ДС Академи, Соко Горица, Техногума, како и вината на Тиквеш, Стоби, Имако, Крњево и Лепово.

Сашо Наумоски, извршен директор на „Витаминка“ една од нашите најголеми компании очекува извезувањето на производи од земјите од ЦЕИ да биде поедноставено по одредени отстапки што ги направила кинеската страна. „Витаминка“, вели тој, по втор пат се претставува во Кина.

„Претходниот пат имавме некои инцидентни извози за кои не успеавме да најдеме редовен извоз. Сега покрај претставувањето на кинеската делегација дека се направени некои отстапки во контролите на квалитет за земјите од ЦЕИ се надеваме дека побрзо и полесно ќе може извезуваме производи и очекуваме дека овој пат успешно ќе најдеме фирма која ќе не претставува на кинескиот пазар“, вели Наумоски.

Компанијата „Соко Горица“ произведува сокчиња, кои веќе се продаваат на кинескиот пазар, но првпат се претставуваат во Кина.

„Ние сме претставници од компанијата Соко која произведува сокчиња и ова ни е прво претставување во Кина, но имаме веќе има една фирма со која соработуваме овде. Имаме повеќе брендови па така со учество на овој саем се надеваме на нови соработки и успес“и, вели Ангела Арсовска, од Соко Горица.

„Макпрогрес“ со нејзиниот бренд Винчини првпат се презентира на овој пазар, но како што вели Драган Волчев, ова е можност за отворање на нови пазари за нивните кондиторски производи.

„Чест и задоволство ни е да присуствуваме на овој саем со желба да дојдеме до кинескиот пазар, кој за нас е многу интересен и атрактивен пазар, и веруваме дека Винчини како компанија и како бренд кој што е водечки и лидер во Македонија и на Балканот во производство и продажба на кондиторски производи дека ќе успееме да најдеме нови партнери и хоризонти“, рече Волчев.

Првпат на кинескиот пазар се претставува и компанијата Евал од Скопје која произведува тартуфи, производи од тартуфи, а нивен нов производ е масло од тартуфи – Туф.

„Тука сме дојдени да ги прошириме нашите нови видици и соработки. Доста е поразлично од она што сме го виделе на Балканот и пробуваме да ги рашириме нашите идеи и нашите познанства. Нашите производи се со македонски тартуф и имаме нов вид на масло кое што првпат го изложуваме во јавноста“, вели Марија Арнаудова од Виталија.

На милионскиот кинески пазар веќе се продаваат и во одредени средини се мошне познати македонските вина.  Добро познатите вина на Тиквеш, на Стоби, Имако, Крњево и Лепово беа презентирани на саемот Кина-ЦИЕ.

Македонскиот штанд во специјалниот павилјон за земјите од ЦЕИ вчера го посетија и повеќемина странски државници, а меѓу нив беше и словачкиот претседател на парламентот на словачкиот парламент Ричард Раси а негов домаќин беше заменик министерот за економија Марјан Ристески.

Словачка и Словенија се почесни гости на овогодинешниот саем во Нинбо, а отворањето на нивните штандови беше проследено со настапи на нивни музички групи, што покрај производите што беа на нивните штадови, привлече голем број бизнисмени, изложувачи но и кинески новинари и медиуми, како и медиумски работи од земјите од ЦИЕ кои се во посета на Кина.

Во Нинбо вчера како дел од саемската манифестација имаше стотина настани, а во центарот на градот беа поставени штандови на кои исто така со свои деликатеси се претставуваа дел од земјите учеснички. Се отвори и нова канцеларија за врски со земјите од ЦИЕ, посебно со младите од нашите земји кои се повеќе ги има во овој дел од светот.

На Саемот, кој се одржува до 25 мај, денеска се одржува и Форум на градоначалници, на кој присуствува претседателката на Советот на Куманово, но и други претставници на македонските општини.

Ѓорѓиевска за МИА изјави дека присуството на овој форум е од исклучително значење, како и дека ќе го пренесе искуството од овде и дека е можна соработка и трговија. – Соработката со Кина треба да се зајакне затоа што цела Европа е овде, рече претседателката на Советот на Куманово.

Форумот го отворија претседател на Кинеската асоцијација за пријателство и соработка со странски земји Јанг Ванминг, претседателот на парламентот на Словачка Ричард Раси, градоначалникот на Нингбо Танг Феифан, А зборуваа и поранешните пратеници од Романија и Полска Виорица Данчила и Јануш Пиечоцински.

Градоначалникот на Нингбо, чија популација изнесува 9,7 милиони истакна дека нивната економија се зголемува изнесувајќи низа податоци за растот и развојот на овој град.

Посочи дека во Нингбо се наоѓа постојан изложбен простор и канцеларија за соработка со земјите од ЦИЕ. Од особена важност за извоз на производи од овој кинески град до Европа и други делови во светот е пристаништето во Нингбо.
Вангмин истакна дека тие се подготвени да работа на соработка и развој на односите со земјите од ЦИЕ А со тоа и со Европската унија.

Соработката со земјите од ЦИЕ, како што кажа би опфатила, увоз на повеќе производи од земјите од ЦИЕ, соработка на различни нивоа, во енергетика, обновлива енергија, размена на искуства, културна соработка…

На Форумот на градоначалници неколку градови од земјите од ЦИЕ потпишаа договор за збратимување со неколку градови од Кина. Хрватскиот град Ријека ќе соработува со Нингбо, Нови Сад со Хфе, босански Лакташи со Јепае, додека унгарската општина Кишкунфелеџхаза со Џошуен.

Во рамки на 4. Саем на Кина со земјите од ЦЕА денеска се одржуваат низа други состаноци за земјоделство, за царините, за трговија и друго.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ