Обидите за политизирање на инцидентите на настапите на српските музички изведувувачи Цеца Ражнатовиќ и Аца Лукас се само нов врв на ледениот брег на незаштитата на македонската музичка продукција, сцена, сегашна и од минатото, како и македонското музичко – изведувачко наследство, што се случува со децении, од независноста на Македонија. Иако овие случаи (настапите на музичари од Србија и заштитата на македонската музичка продукција) се навидум неповрзани, сепак се конкретен повод зa актуализација на хроничната „болка“ на она што најчесто се нарекува најпрепознатливиот елемент на македонскиот идентитет – македонскиот фолклор, македонската народна песна со амблемскиот седум-осмински такт.
Како македонските песни останаа во странски продукции
Композиторот, музиколог и професор на ФМУ, Димитрије Бужаровски долго време ги предупредува македонските надлежни институции на еден современ феномен во заштитата на македонското фолклорно наследство, кое парадоксално, но според регулативите за авторски и сродни права, на некој начин им припаѓа на продукциите во соседните земји, каде што македонските изведувачи во минатото снимале плочи или касети.
„Кражбите и злоупотребите со македонскиот музички фолклор се позната работа со децении; посебно поради сложената геополитичка ситуација во регионот; економската состојба во земјата и можноста за профитирање; незаинтересираните институции, посебно оние кои се платени да се занимаваат со негувањето и заштитата на фолклорот. Во периодот на ФНРЈ и СФРЈ, македонскиот фолклор беше многу ценет, со убедување дека тој е најубавиот и најбогатиот, и во бившата Југославија, и во регионот. Темата е голема и широка, и по 25 години активно дејствување на архивот БужАр, во кое залудно се обидувавме во сите државни институции да поттикнеме некаква активност за дигитално архивирање, и тоа без финансии, тендери, проекти финансирани од државата или спонзорства; кренавме раце и продолживме исклучиво да се бавиме со дигитализација и постирање. Така 25-годишнината ја дочекавме со 3,5 терабајти архив и над 420 видеа постирани на Јутјуб (и да не кажеме уште што сè друго).
Во постирањето ќе се појавеше по некое дело, кое беше заштитено, пред сè во доменот на авторските права, од современите автори од подрачјето на сериозната музика. Кога кај овој пост, неочекувано се појави дека орото е заштитено, почна да се одмоткува клопчето на контроверзата околу целиот случај.

Прво, ни падна во очи дека е погрешно името на орото – Беранче, наместо Поступано.
Второ, дека е изведено од ансамблот на народни инструменти на Пеце Атанасовски. Со аудиото (од Поступано), се појави и насловната страница од плоча, издадена од Југотон со Пеце Атанасовски на гајда, и во позадина, мостот Еленскок – Тресонче. Како што нè извести Јутјуб, аудиото може да се користи, но монетаризацијата ќе биде пренасочена кон сегашниот сопственик на Југотон, кој во 1990 година е преименуван како Кроациа рекордс (Croatia Records). На крајот на нашиот текст, под постот, се појави и сликата од корицата на плочата со линк до нивното аудио, кое е идентично со нашето“, пишува на социјалните мрежи професорот Бужаровски, но и официјално се обратил и до Министерството за култура на Македонија, Управата за заштита на културното наследство, Институтот за фолклор и до здруженија за заштита на авторски и сродни права.

Кога музиката станува жртва на пропагандата
Темата на регулација на авторските и сродните права, отвора една нова комплексност во однос на (зло)употребата на македонскиот фолклор и присвојување како туѓо културно наследство. Општо познато е дека народните песни и ора, за кои не е познат авторот и се водат како „дела на народниот гениј“, се лесен „плен“ за присвојување од соседните култури. Некои тоа го оправдуваат и толкуваат како синкретизам во уметноста, односно прелевање на теми, мотиви и ритми во историската комуникација од различен вид во блискиот, па и подалечниот регион. Но не се непознати, па дури и зачестени се појавите на присвојување за „свои народни песни“ и дела на познати македонски автори во соседството, па дури и адаптирани за нивни пропагандни потреби. Веројатно најиндикативно е присвојувањето на „Македонско девојче“ од Јонче Христовски, или „Една мисла имаме“ од Војо Стојановски, кои во соседна Бугарија се препеани во контекст на нивните „комплексни“ политички ставови спрема Македонија. Додека пак „Лихнида кајче веслаше“ од Ефто Пупиноски, веќе се доживува како „бугарска народна песна“ за „најромантичниот дел од бугарската историја“ (Охрид), како што своевремено се изрази еден претседател на Бугарија.
Но, „сопственоста“ на песните со познат автор, на соодветен начин е заштитена со авторските права, за кои се грижат лиценцирани здруженија (во Македонија – ЗАМП), додека припадноста на снимената народна музика на некој начин е регулирана со т.н. сродни права, т.е. со заштита на правата на изведувачите и продуцентите. Со оглед што во периодот на зародување на музичката индустрија во регионот, од пред речиси седумдесетина години, кога Македонија била дел од југословенската федерација, македонските изведувачи снимале за продуцентски куќи во тогаш заедничката држава, изведувачките (сродните) права им припаѓаат на сегашните продукции кои го одржуваат континуитетот како деловен субјект. Секако, денес тие продукции функционираат во различни држави, па оттука и парадоксот – македонското културно наследство да биде „заштитено“ во соседството.
„Ние укажавме на сериозниот криминал во користењето на македонскиот музички фолклор и ансамблите на МРТ во грамофонски плочи издадени надвор од Македонија. Со реобјавувањето на плочите издадени пред повеќе од 50 години на Јутјуб (YouTube), издавачите продолжуваат да остваруваат приходи, прекршувајќи ги законските одредби во нивните земји во кои по истекот на сродните права (50 години) за следните 20 години (вкупно 70 години) се должни да склучат договори со изведувачите (односно нивните наследници) и да им исплаќаат по 20% од остварениот приход. Продолжувањето од 20 години е направено според Директивата на ЕУ 2011/77 во која стриктно се наведуваат овие услови.
Воедно, ги повикуваме институциите кои се одговорни и надлежни кај нас да се занимаваат со заштитата на македонското културно наследство, да реагираат и да се обратат до соодветните институции од земјите во кои се реобјавуваат овие материјали, за да запре незаконското стекнување приход, што претставува кривично дело.
Уште повеќе: во овие случаи, покрај економските, сериозно се повредени и моралните права, преку погрешното наведување на насловите на ората, изведувачите и авторите, што само уште повеќе укажува на односот од издавачите кон нашиот музички фолклор и неговите изведувачи. Уште пострашно е што се работи за официјални ансамбли на МРТ, во основа државни ансамбли, кои со години се плаќани од надоместот од претплатата на граѓаните.
Ние досега наидовме на овој проблем кај четири поста на Jутјуб-каналот на архивот БужАр. Кај два поста, за орото ‘Поступано’ и песната ‘Нели го видовте Асанеја’, со оглед на непостапувањето на ‘Кроациа рекордс’ (Croatia Records), по нашата жалба во рокот од 30 дена, Jутјуб веќе ги избриша рестрикциите што се јавуваа кај нашето видео и двата поста влегоа во подрачјето на јавниот домен за слободно користење“, наведува во обраќањето до институциите професорот Бужаровски.
Неопходно тело за регулација и заштита на македонскиот културен амбиент
Во однос на заштитата на авторските музички права, во Македонија веќе 75 години функционира ЗАМП (Здружение за заштита на авторски музички права), но во однос на заштитата на сродните права, состојбата е некако недефинирана. Формално постои здружение ММИ (Македонска музичка индустрија), на кое Министерството за култура му ја има одземено лиценцата за дејствување. Во меѓувреме има обиди за формирање друго здружение, но актуелната состојба е дека не постои лиценцирано здружение во Македонија за заштита на сродни музички права.
„ЗАМП како институција ги заштитува музичките дела, само ако е наведен авторот. Во однос на заштитата на народната музика, тоа можеме да го правиме во контекст на некој нов авторски аранжман (но само за аранжманот) на некоја народна песна или оро. Но за жал, немаме надлежност да реагираме дури и да констатираме некаква злоупотреба, присвојување, преработка.. од кој било на македонската народна музика. Исто така немаме надлежност за заштита на сродни права (на изведувачите и на продуцентите), иако работиме според закон, кој е Закон за авторски и сродни права. Уште позагриживачки е што во моментот во Македонија нема организација со лиценца за заштита на сродни права. Сето тоа говори дека како општество недоволно се грижиме за нашите авторски дела, а уште помалку за она што е наше културно музичко наследство. Многу сме блиску до епилогот – кој не се грижи за својата традиција, таа да биде присвоена, да припадне во нечии туѓи граници. Веќе сме сведоци дека нашите, македонски песни (и народни, па и авторски) се присвојуваат од соседните естради, но во Македонија никој не реагира на таа квазиполитика од соседството. Дури не се идентификува ни како проблем, па остануваме скандализирани кога странски изведувачи во Македонија ни го одземаат правото на нашите песни, на нашата музика. Мора да се создаде тело во државата за заштита на користењето на македонската музика односно регулирање на изведбата“, вели Борче Нечовски, извршен директор на стручната служба на ЗАМП.
Сличен предлог изнесе во јавноста и оперскиот пејач Игор Дурловски, по инцидентот со напстапот на музичарот од Србија, Аца Лукас во Кавадарци. Дурловски предлага да се формира тело што ќе воспостави јасни критериуми, процедури и стандарди, но и ќе ја заштити нашата културна сфера од деградација во сензационалистичка придружна програма на туѓи интереси.
„Или ќе ја артикулираме сопствената регулаторна рамка, или, да бидеме чесни, можеме мирно да се самораспуштиме и да признаеме дека нашата културна и медиумска архитектура е оставена на милост и немилост на лукративни проекти со центри надвор од Македонија.
Предлагам задолжително формирање на едно стручно и компетентно тело кое ќе ја уреди оваа област. Тело што ќе воспостави јасни критериуми, процедури и стандарди, но и ќе ја заштити нашата културна сфера од деградација во сензационалистичка придружна програма на туѓи интереси. Ако сакаме да постоиме како држава, мора да престанеме да се однесуваме како публика на настан чиј режисер никогаш не сме го избрале“, категоричен е Дурловски.
Јасминка Павловска






