„Денес, леарницата Бас е сериозно осакатена поради недостаток на работници со отсуството на околу 100-ина Македонци, кои го слават македонскиот Божиќ. На раководителите на различните оддели им беше дадено известување во саботата дека луѓето ќе бидат отсутни, но не се очекуваше дека толку многу од нив ќе отсуствуваат. Сепак, тие се трезвени, вредни луѓе и нормалните услови за работа ќе се вратат утре“, гласи целосниот краток напис во американскиот весник на почетокот на 20-от век, забележувајќи дека отсуството на Македонците во толку голем (и неочекуван) број сепак се одразило на производството на леарницата Бас и машинската индустрија, тогаш во најголем подем во САД.
На почетокот на 20-от век, леарницата и фабрика за машини „Бас“ беше за Форт Вејн она што подоцна ќе стане „Интернешнл Харвестер“. „Бас“ беше водечки светски производител на железнички тркала (за возови), а исто така произведуваше котли и други основни производи поврзани со железницата.
Но она што е интересно од аспект на денешните национално-иденттетски предизвици за Македонија и Македонците, во средината на првата половина од 21-от век е што речиси пред 120 години американските медиуми работниците-доселеници од Македонија, без никакво воздржување и премислување ги нарекуваат – Македонци. Дури така ги пишуваат и во наслови на текстови, а и православниот Божиќ, кој се слави на 7 јануари (за разлика од САД, каде Христовото раѓање се слави на 25 декември) – го нарекуваат „македонски Божиќ“. Иако, очигледно изненадени од бројноста на работниците-Македонци во фабриката, во написот пофално се опишуваат како „трезвени и вредни луѓе“.

Леарницата „Бас“ била најголемата и најважна индустрија во градот Форт Вејн. Во еден момент вработувала 1.100 луѓе и менаментот се фалел со тогаш значителна месечна исплата на плати од 35.000 долари. Според сторијата во Форт Вејн Газет од 1 јануари 1888 година – „Самата фабрика беше толку огромна… ништо не може доволно да ја опише нејзината големина“.
Железницата дошла во северна Индијана во 1852 година. За многумина било очигледно дека железницата наскоро ќе стане „крал“, и почнале да се појавуваат многу индустрии што ја поддржувале. Една од првите поддржувачи била Машинската фабрика Форт Вејн, која во 1857 година започнала со леење челични предмети за железницата. Се појавува Џон Х. Бас, кој во 1862 година ги купил фабриките од својот постар брат Сајон. Сајон Бас бил убиен за време на Граѓанската војна во САД.
Џон Бас продолжил да ја развива леарницата, наскоро издигнувајќи ја во национално значење. Во рок од една деценија, тој отворил слични леарници во Сент Луис, Чикаго, Атланта и Тенеси.
Бас брзо станал богат човек, бидејќи зголемената побарувачка за патување со воз предизвикала зголемена побарувачка за компоненти за возови. Но тој починал во 1922 година, а судбината на леарницата потоа не била многу среќна. Производите од „Бас“ повеќе не доминирале на пазарот и во 1939 година леарницата, опустошена од Големата депресија, поднела барање за реорганизација според Федералниот закон за банкрот на САД, со побарувања од 250.000 долари.
Во 1941 година, компанијата била купена од страна на Томас Симонс, жител на Калифорнија. Втората светска војна, за некое време, донела нов живот на старата фабрика, која морала да вработи стотици нови вработени за производство на воена стока. Но, леарницата од Бас сепак била затворена по Втората светска војна.
Вкрстувањето на судбините од историските собитија на почетокот на 20-от век е невидлив, но може да се прочита меѓу редови во кратксиот текст од 7 јануари 1907 на американскиот весник „Форт Вејн Сентинел“. Тоа е време на засилена индустријализација на САД, додека во Македонија, Македонците се борат за егзистенцијален и национален опстанок неполни 4 години по Илинденското востание во 1903 година и сите историски премрежија што Отоманската империја на залез и соседите му ги „товарат“ на грбот на македонското население. Голема е веројатноста тие стотина „трезвени и вредни“ Македонци да се нашле во Форт Вејн, Индијана да ја забрзаат индустријализацијата на САД, бегајќи од теророт на историските премрежија во нивната родна Македонија.
Ј.П.






