Во однос на новите мерки што ги најави премиерот, Кулебанова го повтори ставот на бизнисот, дека треба да се почитуваат пазарните услови на работење.
„Имаме последователни кризи. Војните траат, но во моментов за ценовен шок не можеме конкретно да кажеме. Ќе почекаме, зашто ова е на почеток. Ние сме мала економија, сите глобални, светски потреси и случувања се рефлектираат кај нас. Во однос на мерките што ги најави премиерот, немаме ништо конкретно. Ние секогаш како бизнис сектор се стремиме да имаме помалку влијание и ингеренции на државните интитуции“, истакна Кулебанова, одговорајќи на новинарски прашања пред презентацијата на дигиталната платформа за ММСП, „Уан стоп дигитал“ (ONE STOP DIGITAL) за микро, мали и средни препријатија.
Во врска со алатката, Кулебанова објасни дека се работи за платформа која ќе биде пренесена како апликација на мобилните уреди и преку неа компаниите за кои е наменета ќе може да ги добиваат сите информации што им се потребни, но воедно и да даваат предлози, сугестии и да поставуваат прашања.
„Ова е многу значајна алатка за овој тип компании. Преку неа ќе комуницираме и ќе ги информираме нашите членки на брз, едноставен и лесен начин за законските измени, на пример, и за сè останато што е од нивен интерес. Исто така, со оглед дека комуникацијата ќе биде двострана, тие ќе имаат можност да ги предочат нивните секојдневни потреби и предизвици со кои се соочуваат. Микро, малите и средни претпријатија се клучни за брзиот раст и развој на економијата, тие ги даваат идеите за иновативни решенија и нивната поддршка е многу битна“, рече претседателката на Центарот.
Дигиталната платформа со мобилна апликација е изработена со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), во насока продолжување на економската транзиција на одржливи мали и средни претпријатија и развивање одржлива инфраструктура на деловни советодавни услуги.