Како што соопштуваат од Минитертвото за одбрана, на испраќањето присуствувале министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Министерот Мисајловски им порачал на војниците да бидат горди што ја носат армиската униформа и што ја претставуваат државата пред сојузниците, нагласувајќи дека Министерството и Армијата се подготвени да дадат целосна поддршка за секој предизвик.
Генералот Лафчиски истакнал дека за прв пат од постоењето на Армијата, формација од ваков состав — зајакната чета со сите елементи на маневар, борбена поддршка и самоодржливост — ќе биде распоредена на вежба надвор од територијата на државата.
Македонскиот контингент, кој е најголем досега што учествувал на оваа серија вежби, е дел од Лесната пешадиска баталјонска група и ќе има можност за дополнителна подготовка пред оценувањето на борбената готовност во 2026 година. Покрај развојот на интероперабилноста со НАТО сојузниците и партнери, вежбата има за цел да извежба распоредување на поголема единица надвор од државата, стратегиски транспорт, самоодржливост и логистичка поддршка.
„Saber Junction 25“ е организирана од Командата на американската армија за Европа и Африка и вклучува учество на голем број НАТО сојузници и партнери.






