среда, 11 февруари 2026

Македонски државјанин опрериран на клиника во Дуисбург со роботски систем од доктор по потекло од Македонија

Македонски државјанин од Скопје, кој во моментот живее и работи во Германија, е опериран со хируршкиот роботски систем “давинчи“ (Da Vinci) на Клиниката за кардиохирургија при Центарот за срце во Дуисбург, Германија. Операцијата ја извел тим предводен од доктор Едис Љаиќ, кардиохирург, специјализиран за минимално инвазивна кардиохирургија и раководител на секторот за роботска кардиохирургија, кој исто така е по потекло од Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

„Јас и мојот тим од Дуисбург ја имавме честа нашиот сограѓанин да го оперираме со хируршкиот роботски систем ‘давинчи’ со кој ние рутински ги изведуваме овие интервенции, која е најсовремена, минимално инвазивна метода. Станува збор за 31-годишен пациент, маж, со дијагностицирана коронарна срцева болест, кој беше примен на нашата клиника. Операцијата траеше околу два и пол часа и помина одлично. Пациентот закрепнуваше бргу и без компликации и само пет дена по операцијата на отворено срце, ќе биде отпуштен на домашно лекување, во одлична општа состојба“, вели доктор Љаиќ.

Љаиќ појаснува дека пациентот моментно престојува во Германија поради привремена, сезонска работа и е здравствено осигурен преку германскиот работодавач, а не преку македонскиот Фонд за здравствено осигурување.

„Тој е првиот македонски пациент што е опериран со оваа високомодерна роботска техника, и тоа од страна на друг македонски граѓанин“, вели докторот.

Едис Љаиќ работи како кардиохирург на Клиниката за кардиохирургија при Центарот за срце во Дуисбург, Германија. Специјализиран е за минимално инвазивна кардиохирургија и го води секторот за роботска кардиохирургија во оваа здравствена установа.

Како што појаснува, овој тип на кардиохирургија претставува најсовремена техника што во Германија моментно се изведува само во два центра – во Дуисбург и во реномираната клиника „Шарите“ во Берлин. На ниво на цела Европа, додава тој, ваков тип на кардиохирургија се спроведува во 15-ина центри.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ