петок, 16 јануари 2026

Македонски академик стана член на Европската академија на науките

Академик Панче Наумов стана полноправен член на Европската академија на науките во Одделението за хемија. Наумов вели за членство во Европската академија на науки бил номиниран од минатогодишниот добитник на Нобеловата награда за хемија, Омар Јаги, професор на Универзитетот „Нортвестерн“ во САД, а неговата номинација била поддржана од научници од Франција и Финска.

Објавено на

часот

Сподели

Наумов за МИА вели дека убавата вест му е соопштена вчера, а церемонијата за негово пристапување во Европската академија на науките ќе се оддржи оваа година во Брисел.

Академик Панче Наумов е роден во Штип, во моментов е универзитетски професор на Универзитетите „Њу Јорк“ и „Њу Јорк Абу Даби“. Тој веќе е член на две други Академии на науки – надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и полноправен член на Националната академија на Обединетите Арапски Емирати. Исто така е Редклиф визитинг професор на Универзитетот „Харвард“ во САД.

Академик Панче Наумов е македонски истакнат хемичар и научник, по потекло од Штип, којшто долги години работи во странство. По завршувањето на студиите по хемија на Институтот за хемија при ПМФ, со спонзорство од јапонската Влада, Наумов се запишува на докторски студии во Токио, Јапонија, каде докторирал во 2004 година на хемија и наука за материјалите. По докторирањето работел во јапонскиот Институт за наука за материјалите, а потоа и во универзитети во Осака и Кјото. Во 2012 година преминува на Универзитетот „Њу Јорк“, каде сега работи во нивните кампуси во Њу Јорк и Абу Даби. Пред четири години, Наумов оформил и Центар за паметни материјали, чиј директор е сега. Академик Наумов има објавено преку 300 научни трудови, коишто се цитирани повеќе од 17.000 пати. Во неговата биографија и се што досега има направено стои и дека е придружен член на Американското хемиско друштво и на Кралското хемиско друштво.

Статистиките покажуваат дека лабораториите со кои раководи Наумов се водечки во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), каде што неговата група, според порталот Нејчер индекс, продуцира помеѓи 40 и 60 отсто од сите научни трудови објавени во списанија со висок фактор на влијание (импакт фактор) секоја година, со што Наумов се позиционира како водечки научник во ОАЕ. За своите истражувања, Наумов има одржано преку 400 предавања на научни конференции, и преку 100 предавања по покана. Наумов бил ментор на повеќе од 60 студенти, а бил рецензент на повеќе од 100 научни списанија. Тој е член на научните одбори на неколку списанија, помеѓу кои би го истакнале Списанието на Американското хемиско друштво, каде е единствен уредник од Југоисточна Европа, Средниот Исток и Африка во оваа списание, коешто се издава од 1879 година. Бил или е член на научните меѓународни одбори на списанијата Општа хемија, коешто го издава Германското хемиско друштво, Хемија – Европско списание коешто го издаваат 16 европски хемиски друштва од 15 држави, како и Хемија – Азиско списание, коешто го издаваат хемиски друштва од Азија. Д-р Наумов бил и гостин уредник на списанието Прилози на Националната академија на науките на САД. Бил и рецензет на предлог-проекти од повеќе национални или меѓународни научни агенции.

Помеѓу другите заслуги, треба да се спомене дека д-р Наумов е основач на разгранокот на Американското хемиско друштво за Обединетите Арапски Емирати и на Друштвото за кристалографија на ОАЕ, со коешто претседава од неговото формирање. Тој е и советник на Европската кристалографска заедница, како и на Интернационалната унија за кристалографија. За неговите научни достигнувања, Наумов има добиено многу награди, од коишто би ги истакнале наградата Александар вон Хумболт од Германија, специјална награда од Универзитетот од Пекинг, Кина, и златна виза за посебни заслуги за државата од Обединетите Арапски Емирати.

Истражувањата на универтскиот професор и научник Наумов покриваат широк спектар научни проблематики од областа на хемијата и науката за материјалите. Главна тема на неговиот научен интерес е хемијата на цврста фаза, а особено нови паметни материјали. Подетално, Наумов е еден од пионерите што ги имаат откриено динамичките својства на цврстите супстанци, парадигма којашто го менува класичното сфаќање на хемијата на цврсто тело. Неговите истражувања покажале дека кристални цврсти материјали, при одредени услови, може да покажуваат динамички, а не само статички својства. Ова сознание драстично ја менува нашата перцепција за материјалите. Резултатите од неговите истражувања веќе се користат во индустријата на паметни материјали, како што се флексибилни органски електронски и оптички елементи во електронската индустрија. Неговите откритија се на пат да ја заменат оптиката и елетрониката којашто засега користи силициум или силициум диоксид со комплетно органски кристални материјали коишто може да се виткаат и да одговараат ан надворешни вилјанија како што се светлина, топлина, механички влијанија и слично. Резултатите на Наумов се меѓунаородно признати, како револуциоерни во оригиналноста на идејата, со огромни импликации за електронските и оптички уреди на иднината.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ