Наградата за акција со најголем промет беше доделена на Комерцијална банка, додека акција со најголем пораст на цена годинава е на Макпетрол АД Скопје. Акција со најголем пораст на промет, пак, е Стопанска банка АД Скопје.
Во категоријата за остварувања на овластени учесници на македонски пазар на хартии од вредност, Еурохаус АД Скопје ја доби наградата за бронзена членка, Илирика Инвестментс АД Скопје – сребрена, а Комерцијална банка АД Скопје – златна.
Наградата за придонес во областа на едукација и развој на пазарот на хартии од вредност ја понесе Блумберг Адриа (Bloomberg Adria).
Признанието за најтранспарентно котирано акционерско друштво „Кристално ѕвоно“ по избор на пазарните учесници беше доделено на Комерцијална банка АД Скопје, а по избор на медиумите наградата ја доби Реплек АД Скопје.
За „Акција на годината“ беше прогласена Комерцијална банка.
Посебни признанија за добри ESG-практики беа доделени на А1 Македонија ДООЕЛ, Алкалоид АД Скопје, Атлантиц ГРАНД Скопје ДОО, НЛБ Банка АД Скопје и ТИТАН Усје АД Скопје.

Претседателот на Македонската берза, Иван Штериев, ја оцени изминатата година како период на стабилизирање по рекордната 2024 и како време на подготовка за големи интеграциски чекори.
Во своето обраќање тој нагласи дека глобалните берзи продолжуваат со позитивен тренд и покрај турбуленциите, а македонскиот пазар бележи благо смирување, но сепак останува во добра кондиција.
„Зад нас имаме една помирна, но релативно добра берзанска година и може слободно да кажеме дека сме задоволни. Перформансите и дивидендите на најликвидните котирани компании, особено банките, ја задржуваат својата позитивна траекторија и тоа, се надеваме, ќе има свој импакт и наредната година. Овој голем стратешки чекор мора да се направи во 2026 година, бидејќи интеграцијата со европските стандарди е неминовна и ќе отвори нови можности за македонските компании“, рече Штериев.
Годишните награди Македонска берза ги доделува од 2021 година за котираните компании, членките на берзата и други субјекти поврзани со македонскиот пазар на хартии од вредност.






