„Денеска во Македонската берза се приклучив на одбележувањето на глобалната иницијатива ‘Да заѕвониме за родова еднаквост’, посветена на поддршката за родова еднаквост и поголемо учество на жените во бизнисот и лидерските позиции. Оваа иницијатива е порака до сите кои имаат идеја, без разлика на полот, да работат на нејзината реализација. Финансиските средства не препознаваат пол, туку препознаваат идеја, иновативност и креативност, а Берзата е само една одлична алтернатива за реализација. Сакам да поттикнам на работа на своите идеи, а особено жените да ја покажат својата храброст, онака како што ја покажуваат во сите останати општествени процеси, тоа е вистинската енергија што го движи светот напред. Статистиките покажуваат дека мнозинството од вработените во финансискиот сектор се жени, ова е уште еден доказ дека жените се оние кои умно, посветено и со огромна волја сериозно придонесуваат во финансискиот сектор“, изјавила Димитриеска – Кочоска.
Според Штериев, годинешното мото на оваа глобална иницијатива е силна порака што треба сите да нѐ потсети дека вистинскиот напредок кон родова еднаквост подразбира не само декларативна поддршка, туку и конкретни чекори за обезбедување еднакви можности и правична застапеност на жените во сите сфери на општеството, вклучително и во корпоративниот сектор.
„Како институција што ја поврзува бизнис-заедницата со пошироката јавност и инвеститорите, Македонска берза подолг временски период наназад е активна во промовирањето на современи стандарди на корпоративно управување, транспарентност и инклузивност. Токму затоа редовно сме дел од оваа прогресивна глобална иницијатива, со цврсто уверување дека поголемата вклученост на жените во управувачките структури на компаниите е важен предуслов за поодржлив економски развој и подинамичен деловен екосистем“, додал Штериев.
Во соопштението се додава дека ова е 12. кампања на глобалната иницијатива „Да заѕвониме за родова рамноправност“ што е партнерство помеѓу Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Светската федерација на берзи (WFE), Иницијативата за одржливи берзи (SSE), во која Македонската берза е учесник, Глобалниот договор на ОН, UN Women и Women in ETFs, за промовирање на родовата еднаквост на пазарите на капитал.
„Во функција на зајакнување на општествената свест за постигнување на поголема родова рамнопраност, Берзата и оваа година објавува ажурирана анализа за состојбите со половата структура на составите на органите на управување кај котираните акционерски друштва“, се додава во соопштението.






