среда, 25 февруари 2026

Македонска пошта ја издаде осмата поштенска марка посветена на децата со ретки болести

Денес, македонската поштенска историја испиша уште една златна страница. Од печат официјално излезе осмата поштенска марка посветена на децата со Спинална мускулна атрофија (СМА). Ова не е само филателистички успех, туку симбол на една долгогодишна, нескршлива борба за живот и гласно препознавање на реткоста, информираа денеска од здружението „Ретко е да си редок“ од Охрид.

Објавено на

часот

Сподели

Како што наведуваат од здружението, Македонија, преку овој проект, веќе осум години по ред во месецот на ретките болести, го потврдува својот статус како прва и единствена земја во светот која преку поштенските марки ја пренесува пораката на овие храбри дечиња.

Иницијативата е на Гордана Лолеска, која како вработена во АД Пошта и претседател на здружението „Ретко е да си редок“ од Охрид, својата професија ја претвори во најсилна алатка за општествена одговорност.

„Секоја марка што ја издаваме е ветување дека овие деца нема да бидат заборавени. Како вработена во Пошта, гордa сум што мојот професионален дом стана засолниште на хуманоста. Овие 8 марки се нашиот заеднички крик дека ‘Ретко е да си редок’, но токму во таа реткост лежи најголемата сила. Македонија денес повторно е пример за целиот свет,“ изјави Лолеска.

 

Од здружението потенцираат дека оваа серија поштенски марки низ годините стана мост меѓу институциите и граѓаните, докажувајќи дека секоја испратена пратка со оваа марка е глас за поддршка, надеж и подобра иднина за децата со СМА.

Свечената промоција на поштенската марка ќе ја одржи здружението „СТОП СМА Македонија“ во сабота (28 февруари) во EU House (ЕУ Куќа) во Скопје, со почеток во 16:30 часот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ