Американскиот претседател, Доналд Трамп, вчера кажа дека Соединетите Американски држави воведуваат „реципрочни мерки“ на сите земји, отприлика во висина на половина од она што тие му го наплаќаат на Вашингтон.
Стапките на новите царини на САД се движат од 10% до 49%, а Македонија се најде во групата земји со значителни давачки од 33 отсто. На Балканот, најголема царинска стапка отсега ќе има Србија – 37 отсто, по што следува БиХ со 35 отсто, додека Албанија и Косово ќе имаат по 10 отсто.
„Факт е дека започнува ерата на глобален економски протекционизам, односно ера на егоистични економски политики со кои се заштитува исклучиво домашното стопанство, на штета на сите други. Реално е да се очекува дека ќе има соодветен одговор од Европската Унија на оваа одлука на САД за зголемување на царините. Во ера на глобална трговска војна, секогаш кога големите се расправаат, колатерална штета се пазарите на малите држави.
Веќе се чувствува нервоза на финансискиот пазар од зголемувањето на царините од страна на САД, со намалување на девизниот курс на доларот
Во актуелната ситуација, предизвикана со зголемувањето на царините од САД, Македонија треба да размислува за диверзификација на својот извоз и да бара алтернативни пазари. Нашата најголема трговска размена е со Европската Унија, која очигледно е на најдиректен удар на овие нови царински мерки на САД. Тоа значи дека и директно ( со воведувањето на поголема царинска стапка) и индиректно, преку ЕУ каде е нашата најголема трговска размена, Македонија ќе биде погодена од овие мерки. Треба веднаш да се размислува и да се направи план за диверзификација на извозот и да се бараат алтернативни пазари, кои не се директно погодени од од оваа очигледно глобална економска војна. Треба да се насочиме кон пазарите на Блискиот Исток, кои не опфатени со зголемувањето на царините на САД, вели за Мкд.мк, универзитетскиот професор по економија, Зоран Ивановски.
Минатата година размената на Македонија со САД изнесувала 314 милиони долари, а во 2023 – 320,7 милиони долари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Извозот од Македонија во САД лани достигнал 118,2 милиони долари, што е за 2,2 пати (220 насто) повеќе од претходната 2023 година, кога бил 53,6 милиони долари. Лани од САД биле увезени производи за 195,9 милиони долари, за 26,6 отсто помалку од 2023 година, кога увозот во Македонија од САД бил 267 милиони долари.
Од Владата на Македонија во однос на одлуката на САД за царинските трошоци, велат дека станува збор за очекувана одлука на американската администрација, која не одминала ниту една земја во светот – дури ни Велика Британија, Канада, Европската Унија и уште стотици други држави.
„Владините тимови веќе некое време ги анализираат можните последици и заедно имаме подготвен план за надминување на ситуацијата. Оваа одлука нема да има голем импакт врз нашата економија, но ние имаме јасен план како понатаму.
Контактите со американската администрација се веќе воспоставени и ќе продолжат на високо ниво, а Владата ќе работи на изнаоѓање решение и на спроведување на планот.
Она што е значајно да се спомене е дека нема потреба од никаква паника, ниту од избрзани реакции и заклучоци. Станува збор за нешто долго најавувано од оваа администрација, и не е одмината ниту една земја – дури ни најстарите и најтрадиционални партнери на САД.
Ова е обид за репреговарање на трговските односи во светот – нешто што беше неопходно и што, иако сега за некои претставува шок, за други ќе значи можност.
Знаеме дека оваа ситуација е шанса за многу луѓе кои не ѝ посакуваат добро на Владата да напаѓаат неосновано и да се обидуваат да нанесуваат штета врз нашиот углед – било поради лични интереси, било поради партиски цели, било поради малодушност. А некои и поради оправдани дилеми – и нив целосно ги разбираме.
Нападите што ги слушаме од првата група споменати – не се ништо ново. Очекувани се, и тие не знаат ништо подобро од тоа. Но ние ќе ги преживееме и нивните напади, и ќе бидеме посилни – ќе се уверите во тоа“, се вели во соопштението на Владата.
Ј.П.