Состојбата со прекумерната тежина во Македонија е алармантна, државата е во категоријата на земји со високи стапки на предвремена смртност од незаразни болести, каде што дебелината е еден од клучните ризик фактори, Дебелината не е проблем на естетика. Таа е хронична болест што мерливо ги зголемува ризиците за најтешките состојби што ги гледаме секојдневно во кардиологијата, неврологијата, онкологијата, репродуктивната медицина, хепатологијата, ортопедијата, изјави денеска проф. д-р Ирфан Ахмети, ендокринолог и претседател на научното здружение за обезност – ОБЕМ, на започнувањето на кампањата „Круг на поддршка за тежината да стане полесна“, по повод 4 март – Светскиот ден на дебелината.
30 отсто од возрасните живеат со дебелина
Според податоците од Светскиот атлас на дебелина, околу 30 проценти од возрасните во земјава живеат со дебелина, додека 65 отсто имаат висок индекс на телесна тежина. Проекциите се уште поцрни – до 2030 година повеќе од 920.000 лица би можеле да бидат засегнати од прекумерна тежина. Кај децата и младите ризик-индексот е седум од 11, а проценките покажуваат дека дебелината кај деца од пет до 19 години може да достигне 52,5 проценти до 2030 година.
Дополнителни податоци презентирани од УНИЦЕФ покажуваат дека 34 проценти од момчињата и 28,3 проценти од девојчињата на возраст од седум до девет години живеат со прекумерна тежина или дебелина. Речиси една третина од децата редовно консумираат засладени пијалаци, а повеќе од три четвртини не јадат овошје и зеленчук секој ден.
„Дебелината е поврзана со најчестите и најсериозни состојби, срцев удар, мозочен удар, дијабетес тип 2, карциноми и неплодност. Доказите од големи истражувања и анализи се конзистентни, дебелината е поврзана со приближно 1,8 пати поголем ризик од коронарна срцева болест значи, многу повисок ризик за срцев удар и со околу 1,6 пати поголем ризик за исхемичен мозочен удар за дијабетес тип 2, ризикот е драматично повисок и често се сумира како приближно околу седум пати поголем ризик; според глобални експертски прегледи, дебелината е причински поврзана со најмалку 13 видови карцином. Ова не се бројки со кои сакаме да ја преплашиме јавноста, туку за реално клиничко и системско планирање. Дебелината има уште поширока мрежа на компликации како што се масна болест на црниот дроб се јавува кај приближно тројца од четворица лица со дебелина, апнеа при спиење е исклучително честа; ризикот за остеоартритис на коленото може да порасне три до пет пати, што директно се претвора во болка или инвалидитет, ризикот од бубрежна слабост нагло расте со повисоките класи на дебелина, венскиот тромбоемболизам – тромбози и белодробни емболии опасноста од овие состојби во некои анализи е двојно поголема кај лица со дебелина“, предупредува доктор Ахмети.
Дебелината е и економска закана
Проблемот не е само здравствен, туку и економски. Дебелината, исто така, носи огромен финансиски товар. Според анализите на Светската глобална обсерваторија за дебелина се проценува дека до 2060 година трошоците поради проблеми со дебелината ќе достигнат 1.9 милијарди долари. Според проценките, трошоците поврзани со дебелината достигнуваат околу пет проценти од бруто домашниот производ (БДП) или приближно 482 милиони евра годишно, односно околу 241 евро по лице.
Директорот на Фонд за здравствено осигурување, Сашо Клековски, даде поддршка на кампањата со јасна порака дека доколку не ги измениме нашите прехранбени навики и не пешачиме барем 30 минути дневно, нема да има фонд што ќе опстане, сите ќе банкротираат.“
„Дебелината ќе биде здравствен предизвик на 21. век, пред сите други познати здравствени проблеми“, вели Клековски.
Тој предложи воведување дополнителен данок за засладени пијалаци и ограничување на продажбата на „џанк“ храна во училиштата.
И УНИЦЕФ апелира на ограничување на продажбата на ултра-преработена храна и зашеќерени пијалаци во училиштата, зајакнување на регулативата за рекламирање храна за деца и инвестирање во едукација за правилна исхрана.
„Всушност, нездравите опкружувања во кои децата јадат или можат да купат храна ја обликуваат исхраната на децата. Речиси една третина од децата редовно консумираат безалкохолни пијалаци засладени со шеќер, додека повеќе од три четвртини не јадат овошје и зеленчук секој ден, што укажува на тоа дека здравата храна не е дел од секојдневието на децата. Училиштето има пресудна улога во обликувањето на ваквото однесување“, наведуваат од УНИЦЕФ.
Во наодите на оваа светска организација се истакнува дека опкружувањата во кои децата јадат или можат да купат храна ја поткопуваат здравата исхрана.
„Кога нездравата храна е евтина, широко достапна и интензивно се рекламира, а хранливите опции се ограничени, здравјето на децата страда“, децидни се од УНИЦЕФ.
Нови центри и институционален пристап
Во рамки на Светскиот ден на дебелината, во Општата болница Куманово денеска беше отворен нов Центар за менаџирање со дебелина, прв организиран ваков сервис во североисточниот регион. Центарот ќе функционира во состав на одделот за третман и следење на дијабетес и ќе нуди мултидисциплинарен пристап – интернист, ендокринолог, нутриционист, психолог и други специјалисти по потреба.
Директорот на болницата, Сашо Стошевски, информираше дека отворањето на центарот претставува дел од стратегијата за проширување на здравствените услуги и подобрување на достапноста до специјализирана медицинска грижа.
„Статистички гледано, повеќе од една милијарда луѓе во светот се соочуваат со зголемена телесна тежина. Во споредба со 1990 година, кај возрасната популација бројот е двојно зголемен, а кај младите и адолесцентите дури четирикратно. Според податоците на Институтот за јавно здравје, во земјава 28,4 проценти од населението има проблем со зголемена телесна тежина“, изјави Стошевски.
Раководителката на Одделот за третман и следење на дијабетес, прим. д-р Марија Бајдевска-Спирковска, потенцира дека клучниот акцент е препознавањето на дебелината како хронична болест.
„Пациентите имаат право на лекарска помош, термин, совет и терапија. До сега, во нашиот регион, тие практично немаа каде да се обратат. Центарот ќе понуди сеопфатен пристап, преглед и консултација со специјалист интернист, дијабетолог или ендокринолог, анализа на телесен состав со инбоди апарат (процент на масти, мускулна маса, вода), лабораториски анализи, и индивидуализирани препораки за исхрана, по потреба ќе се даде медикаментозна терапија, пациентите ќе се упатат до други специјалисти (кардиолог, гастроентерохепатолог, психолог, ортопед, пулмолог). Не е доволно само да се измери тежината. Многу е важно да знаеме од што се состои таа тежина колку се масти, колку мускулна маса, колку вода. Врз основа на тоа се прави индивидуален план“, појасни Бајдевска-Спирковска.
Во јавното здравство во Македонија веќе постојат девет центри за обезност.
Доктор Ахмети истакна дека „Круг на поддршка“ е кампања што го става акцентот на знаењето, структурираниот пристап, евиденцијата и тимската грижа без стигма и без поедноставувања.
„Со тоа ќе ја направиме ‘тежината полесна’ не како слоган, туку како мерлив резултат од што најголем бенефит ќе имаат токму лицата со дебелина“, порача Ахмети.
Станува збор, како што беше објаснето на настанот, за едукативна кампања за ризиците од прекумерната тежина и дебелината, научното здружение за обезност – ОБЕМ, го означи почетокот на едукативната кампања „Круг на поддршка – за тежината да стане полесна“.
Во рамки на кампањата е воспоставена и интернет-страницата tezina.mk која што содржи информации на темата, а истите ќе бидат и надополнувани.
Нема брзи решенија
Пораката од стручната јавност е јасна, нема чудотворни диети и лекови без надзор.
„Прво стил на живот со реални и одржливи промени, па потоа фармакотерапија кога е индицирана и според протокол. Интернетот не смее да биде замена за стручен медицински совет“, предупреди Ахмети.
Светскиот ден на дебелината годинава испраќа јасна порака дека ако не ја препознаеме дебелината како болест ќе продолжиме да ги лекуваме само нејзините последици. А цената, и здравствена и економска, веќе станува превисока.
И.О.






