„Денеска потпишуваме договор за грант, а со овие средства се унапредува транспортната ефикасност и предвидливост на Коридорот 10. Ова е една од компонентите од Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан чија крајна цел е зголемена ефикасност на транспортот во РС Македонија и во регионот. Тоа е особено важно во унапредувањето на патната инфраструктура, што како Влада ни претставува значаен приоритет, а самиот Проект ќе овозможи олеснување на трговијата и намалување на трошоците на економските субјекти“, рече министерката и потенцираше дека Владата работи на полето на подобрување на економските услови во целина, а сѐ со цел постигнување позабрзан економски раст.
Како што посочи Карол Межеван, се наведува во соопштението на Министерството, „инвестирањето во модерна патна инфраструктура и транзитни коридори е од витално значење за растот на Северна Македонија, поточно за зајакнување на вредносните синџири, отворање пазари, намалување на трошоците за бизнис и привлекување странски инвестиции“.
„Овие подобрувања ќе ѝ помогнат на земјата и во создавањето работни места и во градењето конкурентна, отпорна економија. Оваа иницијатива е клучна за реформите за пристапување на земјата во ЕУ и е во согласност со законодавството на ЕУ и Стратегијата за одржлива и паметна мобилност на Западен Балкан“, рече Межеван.
Министерството за финансии наведува дека средствата се наменети за воведување интелигентен транспортен систем (ИТС) на коридорот 10, од граничниот премин Табановце до јужната клучка Велес, што вклучува и поддршка за воспоставување и опремување на национален центар за управување со сообраќајот со потребните ИТС системски решенија за коридорот 8 и коридорот 10, вклучително и за кракот 10д.
„Поконкретно, ќе бидат воспоставени систем за собирање податоци за протокот на сообраќај; систем за следење на тежината во движење (WIM); елементи за контрола на висината на возилата што пристапуваат до автопат; систем за собирање податоци за временските услови долж трасата на автопатот и систем за следење на транспортот на опасни материи (HAZMAT). Активностите се реализираат во рамки на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, чија вкупна вредност е 26,2 милиона евра. Проценетата инвестициска вредност на оваа компонента е 29,9 милиони евра од кои 13,56 милиони евра се грант за кои е потпишан Договорот и 16,4 милиони евра се дел од заемот од Светска банка. Проектот го имплементира Министерството за транспорт“, информира Министерството за финансии.






