„Овој прекин во непријателствата би можел да послужи како клучен чекор кон намалување на страдањето на цивилите и да овозможи простор за значајни разговори за вистински мир, со цел да се стави крај на агресивната војна на Русија и да се воспостави сеопфатен, праведен и траен мир“ се наведува во изјавата.
Како што јави дописикот на МИА од Брисел, Калас додава дека ЕУ останува непоколеблива во својата посветеност кон сеопфатен, праведен и траен мир во Украина, заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право и ги поздравува сите напори за постигнување таков мир.
„Како и во минатото, и сега е на Русија да ја покаже својата подготвеност да постигне мир“, додава Калас во изјавата која е поддржана и од земјите што не се членки на ЕУ, а чии претставиници присуствуваа на вчерашниот неформален состанок на министрите за надворешни работи во Лавов – Молдавија, Македонија, Норвешка, Украина и Велика Британија.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и полскиот премиер Доналд Туск денеска престојуваа во Киев за да ја потврдат поддршката за Украина и да се заложат за 30-дневен прекин на огнот во војната со Русија, пренесе ДПА.
Посетата имаше за цел да ја демонстрира европската солидарност пред тековната агресија на Москва. Ова беше прва посета на Мерц на Украина откако стана канцелар претходно оваа недела.
Во заедничко соопштение пред разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски, лидерите ја повикаа Русија да прифати „целосен и безусловен 30-дневен прекин на огнот за да се создаде простор за преговори за праведен и траен мир“, повторувајќи го предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп.