Според прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан за 2025 година, изработен од Асоцијацијата за е-трговија, 63,2 проценти од интернет корисниците во Македонија купувале онлајн во текот на 2024 година. Овој резултат ја позиционира земјата меѓу водечките пазари во регионот според учеството на онлајн купувачи, но сепак под европскиот просек. 
Анализиран е и AI Preparedness Index (AIPI), индекс на Меѓународниот монетарен фонд кој ја мери подготвеноста на земјите за одржлива и инклузивна примена на вештачката интелигенција. Со резултат од 0,48, Македонија заостанува зад просекот на ЕУ и зад поголем дел од балканските пазари, при што полош резултат има само Босна и Херцеговина. За споредба, европските лидери како Данска, Холандија и Естонија имаат индекс над 0,76.
Како главни ограничувања се наведуваат дигиталната инфраструктура, иновативниот капацитет и слабата интеграција во глобалната дигитална економија, иако постојат позитивни сигнали во делот на човечкиот капитал и адаптацијата на пазарот на труд.
„Е-трговијата во Македонија бележи силен раст, но следната фаза мора да биде фокусирана на квалитет, доверба и одржлив развој, не само на квантитет. Вештачката интелигенција е реалност денес и ја менува дигиталната економија, а нашата задача е да им помогнеме на е-трговците, институциите и потрошувачите да бидат подготвени за оваа трансформација“, изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска Станков.
Прегледот заклучува дека идниот раст на е-трговијата во земјата ќе зависи од подготвеноста на домашните е-трговци да ја искористат примената на вештачката интелигенција за поголема конкурентност, одржлив раст и подобра заштита на потрошувачите.
Инаку, прегледот на Е-трговијата во Западен Балкан за 2025 година е изработен од Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ) и традиционално беше презентиран на 8-та регионална конференција за е-трговија, опфаќајќи ги земјите од целиот регион на Западен Балкан.






