вторник, 1 април 2025

Македонија одбележува пет години од членството во НАТО

Началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајот Сашко Лафчиски денеска истакна дека петгодишнината од пристапувањето на Македонија во НАТО не ја покажува само посветеноста кон колективната безбедност туку дека тоа е и одраз кон непоколебливата посветеност кон демократските вредности, слободата и стабилноста. Министерот за одбрана, Владо Мисајловски рече дека единството во Армијата и единството во НАТО Алијансата треба да се преточи во единство меѓу граѓаните за да се изгради општество кое ќе се развива од сите аспекти и ќе се прилагодува на новите предизвици со една цел, подобар, побезбеден и поквалитетен живот за сите граѓани. Нашиот влог во Алијансата е истовремено и влог во Армијата, во бедемот на територијалниот интегритет и независноста на нашата Република, рече претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова на  на свеченоста по повод 5. годишнината од пристапувањето на Македонија во НАТО, што се одржа во касарната Илинден во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Пред пет години, рече Лафчиски, исполнивме една од нашите најзначајни стратешки цели – членството во НАТО, а патот не беше воопшто лесен. Денес, додаде началникот на ГШ на Армијата, нашата одлучност, напорната и посветена работа е лесно препознатлива.

„Нашите војници гордо го носат македонското знаме во составот на истурените сили на Источното крило на НАТО во Романија, Бугарија и Летонија. Припадниците на Армијата распоредени во мисијата КФОР на Косово заедно со останатите земји-членки на НАТО секојдневно се грижат и допринесуваат за регионалната безбедност, стабилност и мир. Како дел од најмоќното воено семејство рамо до рамо со нашите сојузници подготвени сме да ги браниме суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји согласно концептот за одвраќање и одбрана на Алијансата“, рече Лафчиски.

Во изминатите пет години, нагласи тој, успеавме значително да ги подобриме и способностите на Армијата.

„Дополнително успеавме да ги поставиме идните приоритети и да ги идентификуваме предизвиците за периодот што претстои, период во којшто со успех треба да го заокружиме трансформацијата, модернизацијата и опремувањето на Армијата. Период во којшто мораме да ги апострофираме нашите силни страни, да ги адресираме нашите предизвици и да се подготвиме за променливата платформа на глобалните предизвици во 21 век. Наша цел продолжува да биде создавање на современа, мобилна и технолошки напредна Армија“, рече началникот на Генералштабот на Армијата.

Како што потенцираше, нашето членство во НАТО е гаранција за мир и стабилност во земјата, но и основа за напредок и симбол за нашата посветеност. Нека оваа годишнина, додаде Лафчиски, биде потсетник дека заедно сме посилни.

Изразувајќи длабоко сочуство и почит кон жртвите во Кочани, Лафчиски рече дека оваа загуба е неизмерна болка за семејствата, најблиските и целата нација. На повредните им посака брзо закрепнување и сила да продолжат напред и им порача дека не се сами, и дека нивната нивната борба е и наша борба.

„Во овие тешки моменти видовме и надеж, видовме херои, млади луѓе кои покажаа невидена храброст, спасувајќи животи жртвувајќи го сопствениот живот. Видовме брза реакција и беспрекорна координација помеѓу институциите, видовме дека заедничкото добро е многу поголемо од индивидуалниот интерес. Се покажа на дело која е вредноста на сојузништвото, пријателството и добрососедството. Во најтешките моменти по трагедијата видовме како регионот и целиот континент се мобилизира во несебична поддршка, видовме на дело што знали НАТО во неговата изворна форма изразена преку несебичната поддршка преку земјите членки“, рече Лафчиски.

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски рече дека единството во Армијата и единството во НАТО Алијансата треба да се преточи во единство меѓу граѓаните за да се изгради општество кое ќе се развива од сите аспекти и ќе се прилагодува на новите предизвици со една цел, подобар, побезбеден и поквалитетен живот за сите граѓани.

Мисајловски, осврнувајќи се на неодамнешната трагедија со пожарот во Кочани, посочи дека живееме многу тежок период од нашата независност и оти денеска нема само да го одбележиме овој јубилеј туку и го одбележуваме заедништвото и меѓусебната поддршка.

„Нема зборови за утеха за сите оние кои го изгубија најмилото и длабоко сочувствувам со нив и нивната болка. Сите се соочуваме и се бориме со измешани чувства и емоции, и навистина е тешко да ги најдеме вистинските зборови за значењето на еден ваков ден кога одбележуваме јубилеј – 5 години од членството на Македонија во НАТО. Денеска нема само да го одбележиме овој јубилеј, туку го одбележуваме нашето заедништво и меѓусебната поддршка. Зборовите на утеха, а уште повеќе, подготвеноста да се помогне е она кое од нас 32 земји во НАТО прави една здружена, обединета сила која е подготвена да излезе пресрет на секоја земја членка. Во раните утрински часови таа кобна недела и во периодот кој следуваше зборував со многумина од амбасадорите на земјите – членки и со повеќе од моите колеги министри за одбрана кои прашаа како може да помогнат“, кажа Мисајловски.

Тој потенцираше дека НАТО не е само воено-политички сојуз и организација која ги штити надворешните граници на земјите-членки, туку е сојуз кој и покрај сите различни гледишта на мноштво теми има една заедничка суштина – грижата едни за други!

„Тоа е најголемата вредност во Алијансата, столбот кој нè држи исправени и во најтешките мигови во еден човечки живот. Во тоа е нашата колективна сила! Им благодарам од срце на секој еден од нив и им порачувам – нивната поддршка јас и македонските граѓани никогаш нема да ја заборавиме. Но, сакам да нагласам дека нема да го заборавиме ниту професионализмот и посветеноста на секој еден припадник на Армијата и на сите останати чинители кои беа максимално посветени да помогнат веднаш на своите сограѓани. Секој еден припадник од Генералштабот и Министерството за одбрана и 146-те припадници кои беа ангажирани во поддршка на институциите и граѓаните, мораа да се изборат со сопствените чувства и тагата и најпрофесионално да одговорат на задачите.  И секој следен пат кога ќе го споменеме зборот херој, треба гласно да ни одекнува дека Македонија ги има многу во својата историја, кои го дале својот живот, но и херои кои се секојдневно меѓу нас, подготвени веднаш да помогнат, а дел од  нив се и припадниците на македонската Армија“, рече Мисајловски.

Министерот истакна дека ни се потребни промени кои значат почитување на законите и ќе ни помогнат да изградиме функционално, праведно и современо општество.

„Нека споменот за нашите херои, за трагично починатите и за сите оние кои дале свој придонес за Македонија нè води кон суштински промени.  Системот може да се смени само ако искрено секој од нас даде свој придонес, во почитувањето на секое правило. Тоа е љубовта кон татковината, да ја сакаш државата и да го почитуваш секој сограѓанин.  Ни претстојат сериозни предизвици кои ѝ можеме ѝ мораме заеднички да ги надминеме, за доброто на сите нас. Единството во Армијата и единството во Алијансата да го преточиме во единство меѓу граѓаните и да изградиме општество кое ќе се развива од сите аспекти и ќе се прилагодува на новите предизвици со една цел, подобар, побезбеден и поквалитетен живот за сите граѓани“, нагласи Мисајловски.

Потенцираше дека членството во НАТО претставува и гарант и за стабилноста на македонската економија. Стабилност која значи можност за странски директни инвестиции, но истовремено и уште позначајно, можност за македонските компании да учествуваат на НАТО пазарот кој изнесува над 10 милијарди евра годишно.

Министерот за одбрана Мисајловски оцени дека со членството во НАТО ја зацврстивме својата безбедност, но и даваме свој придонес со свои капацитети во зацврстувањето регионалната и на колективна безбедност. Потенцираше дека од нашите 31 земја сојузник имаме голема поддршка во развојот на вооружените сили. Се развиваме заедно, рече МИсајловски,  затоа што НАТО го означува токму тоа – сите заедно, со здружени сили кон силна и безбедна Алијанса.

„Инвестираме во македонската одбрана, ја модернизираме нашата Армија со силно темпо,  а заедно со нашите сојузници учествуваме во голем број вежбовни активности дома и во странство со што ја зајакнуваме интероперативност, која е клучна особено при учеството во мировните операции.   Имаме многу што да научиме, но и да понудиме.  Да си ја чуваме Македонија, да се грижиме за безбедноста и стабилноста на регионот и пошироко, затоа што само така можеме да одиме напред, за подобар и попросперитетен живот“, рече Мисајловски.

Нашиот влог во Алијансата е истовремено и влог во Армијата, во бедемот на територијалниот интегритет и независноста на нашата Република, рече претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска Давкова на свеченоста по повод 5. годишнината од пристапувањето на Македонија во НАТО, што се одржува во касарната Илинден во Скопје.

Сиљановска Давкова укажа дека како држава мораме да инвестираме во македонската одбрана и безбедност. Најави дека ќе продолжиме да придонесуваме за мирот преку учеството во мировните мисии, предводени од НАТО и од Обединетите нации, како и дека ќе се усогласуваме со НАТО-стандардите и со Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија.

Претседателката рече оти верува дека и покрај одредени недоразбирања, трансатлантската соработка, базирана на меѓународни правила и принципи ќе продолжи да биде темелот и гаранцијата на европската и евроатлантската безбедност и стабилност и оти ние ќе продолжиме да чекориме и дејствуваме во заедничката насока.

Претседателката на почетокот од обраќањето наведе дека петтата годишнина од нашето членство во НАТО ја одбележуваме во сенката на големата трагедија во Кочани, што потецираше, на ужасен начин нѐ потсети дека безбедноста на граѓаните е една од основните задачи на државата. Укажа дека успешната битка за животот на повредените од страшната трагедија не беше можна без импресивната хуманост и солидарност на државите, народите и граѓаните од регионот, но и многу пошироко, како и од активираниот европски систем за цивилна заштита, но исто така и на НАТО за што сме им бескрајно благодарни.

Сиљановска Давкова истакна целта на постоењето на Алијансата се мирот и безбедноста на нејзините земји членки, но и во светот, оценувајќи дека низ децениите НАТО прерасна во стожер на северноатлантскиот и на европскиот безбедносен поредок како предуслов за мир и развој.

Потсети дека уште од првите години на нашата самостојност и независност, се изгради надпартиски консензус меѓу македонските граѓани за потребата од интеграција во НАТО, како услов за создавање амбиент на мир, стабилност и просперитет на генерациите што доаѓаат, истакна дека македонското членство во НАТО беше препознаено како врвна стратешка цел заедно со членството во Европската Унија.

„Меѓу нас се дел од ветераните на македонската одбрана коишто своите кариери ги посветија на остварувањето на оваа цел. Но, факт е дека за остварување на оваа стратегиска цел беа вложени огромни напори и направени големи жртви и болни компромиси, какви што не се барале од ниту една друга држава кандидат“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Таа посочи дека најтешкиот дел од патот до НАТО беше изоден од самите воени и цивилни припадници на Армијата, кои преку макотрпни реформи, континуирани воени вежби и ризични мировни мисии стекнаа непроценливо искуство, но и голема заслужена почит од сојузниците.  За тоа рече дека  сведочат бројните признанија за стручноста, компетентноста и пожртвуваноста на припадниците на Армијата од страна на нашите стратешки партнери и високи претставници на НАТО и оти не случајно, како врховна командантка на вооружените сили, се гордее со нашата Армија, како наш важен актер во НАТО.

Сиљановска укажа дека секој влог е важен, особено, како што рече,  во ова време на голема неизвесност и нестабилност, кога Северноатлантскиот сојуз се соочува со глобални безбедносни ризици и регионални воени конфликти, со традиционални, но и со нови, хибридни и сајбер-закани од државни и недржавни актери.

Потенцираше дека безбедносните  закани наметнуваат потреба од поголеми вложувања во одбраната, вклучително и во напредните технологии и оружја

„Вештачката интелигенција внесува дополнителна непредвидливост, а поредокот воспоставен по Втората светска војна минува низ голема трансформација. Наместо мултилатерализам, се соочуваме со опасност од мултипоралзоација.  Војната во Украина предизвика невидени човечки страдања и материјални штети и ја загрозува визијата за Европа обединета во мир. Конфликтите на Блискиот Исток генерираат нови човечки страдања и нови миграциски бранови. Кризната состојба бара брз и соодветен одговор. Далеку од тоа дека јас су профил на човек кој се радувам на војните. Во ова немирно време во кое доминира воинствениот Марс, јас се уште посакувам  нова доба водена од мирољубивата Венера. Но, иако честопати повикувам како Хемингвеј на збогување со војните и оружјата, свесна сум дека се наоѓаме можеби во најкритичниот геополитички период по Студената војна, Безбедносните закани наметнуваат потреба од поголеми вложувања во одбраната, вклучително и во напредните технологии и оружја. Затоа, како држава мораме да инвестираме во македонската одбрана и безбедност“, рече Сиљановска Давкова.

Затоа, дополни, ќе продолжиме да придонесуваме за мирот преку учеството во мировните мисии,  предводени од НАТО и од Обединетите нации.

„Ќе се усогласуваме со НАТО-стандардите и со Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Европската Унија. Нашиот влог во Алијансата е истовремено и влог во Армијата, во бедемот на територијалниот интегритет и независноста на нашата Република“, порача претседателката.

Оваа годишнина, подвлече претседателката, е потсетник не само за патот што го изодевме до членството во НАТО и по него, туку и за основната идеја на Алијансата – да се овозможи мир и безбедност на земјите членки, на нивните народи, и тоа преку дијалог меѓу слободните по духот.

„Верувам дека и покрај одредени недоразбирања, трансатлантската соработка, базирана на меѓународни правила и принципи ќе продолжи да биде темелот и гаранцијата на европската и евроатлантската безбедност и стабилност. Ние, пак, ќе продолжиме да чекориме и дејствуваме во заедничката насока“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ