среда, 24 декември 2025

Македонија ја одби помошта од Бугарија за достава на мазут

Македонија ја одби помошта од Бугарија за достава на мазут откако Владата вчера прогласи седумдневна кризна состојба во енергетиката поради недостиг на мазут. Од македонското Министерство за надворешни работи информираа дека министерот Муцунски изразил благодарност за понудената помош и кажал дека во моментов нема потреба од дополнителна поддршка, бидејќи состојбата е стабилна.

Објавено на

часот

Сподели

По наредба на премиерот во оставка Росен Жељазков, министерот за енергетика Жечо Станков извршил проверка на залихите на мазут во Бугарија и утврдил дека земјата има доволни количини за сопствените потреби и може да ѝ понуди итни залихи на Македонија, пренесе државната информативна агенција БГНЕС.

„Врз основа на утврдените доволни количини, бугарската влада ѝ понуди на Република Северна Македонија итни залихи на котелско гориво (мазут) со цел да ѝ помогне на земјата во условите на вонредната состојба“, пренесува БГНЕС.

Предлогот за помош бил испратен во телефонски разговор помеѓу бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, и неговиот колега од Македонија, Тимчо Муцунски.

За време на разговорот, било нагласено дека обезбедувањето помош е „израз на добрососедство и солидарност и има за цел да гарантира енергетска безбедност и стабилност во регионот“.

„Министерот Муцунски изрази благодарност за понудената помош, при што нагласи дека во моментов нема потреба од дополнителна поддршка, бидејќи состојбата е стабилна“, се вели во дописот од МНР што го објави Телма.

Владата вчера прогласи седумдневна кризна состојба во енергетиката поради недостиг на мазут. Одлуката доаѓа откако ЕСМ соопшти дека поради протестите во Грција тешко можат да ги набават потребните енергенси за производство на струја особено мазутот, а јагленот кој го бараат од компанијата тврдат дека се доставувал со задоцнување. Во државните резерви има над 10 илјади тони мазут.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ