вторник, 3 февруари 2026

Македонија и ОАЕ потпишаа меморандум за примена на иновативни модели на управување, можно е воведување на директна авиолинија

Меморандум за разбирање е потпишан меѓу Владата на Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за размена на искуства во областа на развојот и модернизација на Владата, при денешната билатерална средба во Дубаи на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски со вицепремиерот и министер за надворешни работи на ОАЕ, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување.

„Потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги“, потенцираа од Министерството.

На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати.

„Воедно беше направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што беа разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент беше ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји“, се додава во соопштението на Министерството.

Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи. Тоа. како што се истакнува во соопштението, ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу земјава и ОАЕ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ