недела, 25 мај 2025

Македонија го презема од Грција претседателството со Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион

Во рамките на грчкото претседателство со Макро-регионалната стратегија на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР) и со Јадранско-јонската иницијатива (АИИ) од денеска до четврток во градот Ханиа на Крит ќе се одржи десеттиот годишен форум на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-Јонскиот регион, а во рамките на состанокот нашата земја и официјално ќе го преземе следното претседателство со ЕУСАИР, јави дописничката на МИА од Атина.

Објавено на

часот

Сподели

Македонската делегација на јубилејниот десетти форум на Крит ја предводи министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Од Министерствата за национална економија и финансии и за надворешни работи на Грција преку заедничко соопштение информираа дека во рамките на годишниот форум на Крит ќе се одржи „Министерски состанок на Иницијативата/ЕУСАИР (на 6 мај), со усвојување на Критската декларација; Панелот на министри надлежни за европските програми; церемонијата на предавање на претседателството од Грција на Македонија, како и прес-конференција на шефовите на двете претседателства“.

Паралелно, додадоа дека форумот вклучува богата програма на сесии и тематски настани со учество на над 400 претставници од земјите-членки на Стратегијата, од Европската комисија, академската заедница, граѓанското општество и бизнис светот.

„Целта на грчкото претседателство и Форумот е зајакнување на регионалната соработка во Јадранско-јонскиот макрорегион, промоција на европската перспектива на Западен Балкан, истакнување на улогата на социјалната кохезија, истакнување на сините вештини и справување со климатските промени во новиот ревидиран Акциски план, како и да се поврзе ЕУСАИР со идната Кохезиска политика по 2027 година“, соопштија од Министерствата за национална економија и финансии и за надворешни работи на Грција.

Додадоа дека со десеттиот годишен форум на Крит ќе се истакне „стратешката улога на Грција како мост меѓу Европската Унија и Западен Балкан и ќе се потврди и цврстата посветеност на земјата кон зајакнување на европската кохезија, транснационалната соработка и одржливиот развој во поширокиот регион“.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани ќе ја предводи делегацијата на Република Македонија на Форумот на ЕУ Стратегијата за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР), кој во рамки на грчкото претседавање, од денеска до 7 мај 2025 година ќе се одржи на Крит, Грција.

Како што соопштија денеска од Министерството за европски прашања, Македонија официјално ќе го преземе претседавањето со Јадранско-јонската иницијатива од Грција, првпат откако земјата стана дел од овие формати за регионална соработка.

Покрај церемонијата на примопредавање, министерот Муртезани, како што е најавено, ќе учествува и на Панелот на министри за фондови на ЕУ и на министерскиот состанок, како дел од пошироката агенда на Форумот посветена на зајакнување на регионалната соработка, поврзаност и интеграција во Јадранско-јонскиот регион.

Претседателството на Македонија со ЕУСАИР и Јадранско-јонската иницијатива започнува на 1 јуни 2025 година и ќе трае една година.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ