четврток, 2 април 2026

Македонија ги доби првите пари од Инструментот за реформи и раст од ЕУ, објави Муртезани

Македонија ги доби првите 52,4 милиони евра, од претфинасирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од ЕУ,  од кои 24,4 за буџетска поддршка и веќе се уплатени на сметката на Министерството за финансии, информираше на прес конференција  министерот за европски прашања Орхан Муртезани. Делегацијата на ЕУ во Македонија на социјалната мрежа X (твитер) ѝ честиташе на земјава за првите добиени пари и наведе дека сега е време да се одработи реформската агенда.

Објавено на

часот

Сподели

„Пристигнаа средствата од претфинасирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од ЕУ за земјава во вредност од 52, 4 милиони евра, односно седум проценти од вкупната вредност на финансиската поддршка која за нашата земја изнесува 750 милиони евра. Оваа исплата е врз основа на барањето за предфинансирање за кое во ноември лани известивме дека како национален координатор за реформската агенда го потпишав и го доствавивме до Европската комисија (ЕК). Со ова, Северна Македонија стана првата земја во регионот која ги доби овие средства откако претходно ги заврши правните процедури, а тоа значи дека Договорот за заем и Договорот за грант се веќе стапени во сила“, информира денеска на прес-конференција министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Втората важна вест поврзана со Реформската агенда, како што додаде министерот Муртезани, е што на 14 март, годинава, до ЕК во предвидениот рок земјава го доставила првото барање за ослободување на дополнителни средства во износ од 17,1 милиони евра за имплементација на реформските чекори со краен рок декември 2024 година, кој што потоа беше продолжен од страна на ЕК до февруари 2025 година. Овие реформи вклучуваат усвојување на Закон за јавна внатрешна финансиска контрола, донесување на подзаконски акти од Законот за буџети, операционализација на структурите за праведна танцизиција и донесување на план за 2025 година, измени во Законот за трговски друштва во делот на критериуми за избор на членови во надзорни и управни одбори и во делот на правосудството поплнување на испразните места во судството и обвинителството.

Од 17,1 милиони евра, 7,96 милиони евра се за директна буџетска поддршка, а останатите 9,11 милиони евра за инвестициски проекти преку заедничкиот фонд на инвестициската рамка за Западен Балкан (ЗБ).

„Овие средства ќе бидат достапни, откако Комисијата ќе заврши со оценката за исполнувањето на реформите за што на располагање има 90 работни дена“, истакна Муртезани.

На новинарско прашање министерот за европски прашања истакна дека од сумата од 52,4 милиони евра 24,4 се веќе легнати на сметката на Министерството за финансии во Народната банка, 15 милиони се грант и се префрлени во Инвестицискиот фонд за ЗБ, а останатите 13 милиони евра се заем и се во процедура на исплата, а се исто така префлени во Инвестицискиот фонд за ЗБ. 

Делегацијата на ЕУ во Македонија на социјалната мрежа X (твитер) ѝ честиташе на земјава за првите добиени пари и наведе дека сега е време да се одработи реформската агенда.

„Честитки за Северна Македонија што ги исполни барањата и беше првата земја во СБ што доби предфинансирање според 🇪🇺 Планот за раст минатата недела. Време е да се засукаат ракавите и да се спроведе одобрената реформска агенда во корист на граѓаните и интеграцијата на Македонија во ЕУ“, се наведува во објавата на Делегацијата на ЕУ во Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ