понеделник, 8 декември 2025

Македонија е новото Елдорадо за Турците

Турците ѝ вртат грб на Црна Гора откако им беше укинат безвизниот режим, Македонија се новата безвизна рута за Турците, пишуваат турските медиуми откако црногорската Влада одлучи да воведе визи за турските државјани.

Објавено на

часот

Сподели

Откако Црна Гора почна да воведува визи за турските граѓани, Турците ја променија својата дестинација, пишува onedio.com.

„По забраната за визи во Црна Гора, Северна Македонија стана популарна дестинација за турските граѓани. Ниските трошоци за живот, леснотијата за основање компанија и релативно прифатливите дозволи за престој го поттикнуваат овој интерес. По одлуката на Црна Гора да бара визи за турските граѓани од октомври 2025 година, миграциските патишта на Балканот се преобликувани“, пишува овој онлајн медиум.

Оттаму се повикуваат на „извештајот на Садик Шимшек од ‘Скопје њуз’“, во кој се наведува дека Македонија сега е најатрактивната опција, особено за Турците кои сакаат да основаат компанија или да добијат престој или постојан престој.

„Турските граѓани можат да влезат во земјата без виза до 90 дена со пасош. Благодарение на ниските трошоци и брзото време на обработка, многу турски претприемачи отвораат компании во земјата. Трошоците за кирија, храна и превоз се пониски отколку во Турција. Иако не е членка на Европската Унија, Северна Македонија има стратешка локација на Балканот“, се наведува во написот на onedio.com.`

Владата на Црна Гора на почетоков на месецот го укина безвизниот режим за државјаните на Турција.

„Ќе започнеме интензивни разговори со Турција со цел да го пронајдеме најдобриот модел во заеднички интерес, во духот на добрата соработка и сојузништвото“, изјави црногорскиот премиер Милојко Спајиќ без да ги образложи причините за укинување на безвизниот режим.

Сепак, ваквата одлука на црногорската Влада доаѓа по тепачката што се случи на крајот на октомври кога во тепачка во населбата Забјело, во главниот град Подгорица двајца Турци со нож го прободија и го ранија М.Ј.

По ова следуваа протести на Црногорците, а полицијата приведе околу 50 турски државјани меѓу кои и двајцата осомничени напаѓачи.

За време на приведувањето, толпата луѓе повикувала на насилство врз Турците, а полицијата спречила дел од луѓето да се приближат до објектите каде што се наоѓале турските државјани.

Полицијата ги поврза приведувањата со, како што наведоа, со претходни инциденти со елементи на насилство што се случиле во последните 24 часа пред да се случи тепачката, а во кои учествувале турски државјани кои привремено престојуваат во Подгорица.

Полицијата изјави дека ќе ја испита легалноста на нивниот престој и дали имало насилство, по што, може да следи и откажување на нивниот престој или протерување од земјата.

Пратеникот Милан Кнежевиќ од поранешната партија Демократски фронт изјави дека според неговите информации, во Црна Гора живеат 110 илјади Турци.

Ова веднаш беше демантирано од министерот за внатрешни работи, Данило Сарановиќ.

„Манипулација е дека во Црна Гора живеат 100.000 турски државјани. Има 13.000 од нив, од кои 80 имаат постојан престој“, изјави Сарановиќ.

Според официјалните полициски податоци, од приближно 100.000 странци во Црна Гора, 13.400 се турски државјани,  Мнозинството се државјани на Србија и Русија или вкупно околу 50.000.

Додека Црна Гора воведе визи, Македонија неодамна го олесни процесот за издавање дозвола за престој на странци вклучително и Турците во државава. Имено, кривичната и казнената евиденција за странски државјани наместо преку основните судови сега ќе се проверува директно преку Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Кривичниот суд ги известува странските државјани кои престојуваат во Македонија дека, согласно новите процедури, проверките за казнена и кривична евиденција неопходни за регулирање на престој, повеќе нема да се вршат преку судовите, туку директно од страна на Министерството за внатрешни работи. Имено, странските државјани не треба повеќе самостојно да обезбедуваат потврди од судовите. Проверките по однос на казнена и кривична евиденција ќе ги врши МВР по службена должност во рамки на постапката за одобрување или продолжување на престојот. Со оваа измена се овозможува побрзо и поедноставно спроведување на постапките за регулирање на престојот на странските државјани, при што се скратува времето потребно за прибавување на потребната документација“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје на крајот на октомври годинава.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ