Според предлог-законот, носителите на важечка возачка дозвола издадена во Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија ќе можат да ја заменат својата возачка дозвола за словенечка без повторно да го полагаат практичниот дел од испитот, во рок од првата година по регистрацијата на живеалиштето во Словенија.
Пред замената, носителот на возачката дозвола мора да достави доказ за ментална и физичка способност за управување со возила со шро ќе се запазат безбедносните стандарди.
Истата постапка важи и за словенечките возачки дозволи во овие земји вклучително и Македонија.

Според предлагачот, пратеничката со македонско потекло, Сандра Газинковски клучни цели на законот се поедноставување на процедурите за промена на возачките дозволи и елиминирање на непотребните бирократски пречки, намалување на административниот товар врз поединците и административните единици и овозможување побрза интеграција на работниците и експертите на словенечкиот пазар на трудот.
Како што соопшти Агенцијата за иселеништво, предлог-законот елиминира неоправдани разлики и носи поедноставување кое е од витално значење и не значи намалување на безбедносните стандарди, бидејќи дозволите продолжуваат да се проверуваат, нема финансиски последици за буџетот, а воедно заштедува време и ресурси и овозможува побрзо вработување, помалку документација и поголема праведност за секој што живее и работи во Словенија.
„Ова е мал, но важен чекор кон поправедна, разумна и отворена земја која им верува на луѓето кои веќе имаат знаење, искуство и одговорност да возат“, велат од Агенцијата.
Пратеничката Сандра Газинковски ги повика пратениците да го поддржат предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за возачи.
„Ви благодарам на сите што придонесуваат Словенија да стане поотворено, поефикасно и поинклузивно општество“, рече во обраќањето пратеничката Газинковски.






