вторник, 10 март 2026

Македонците во Мелбурн не излегоа на парадата Мумба без сонцето од Кутлеш, градоначалникот разочаран

Градоначалникот на Мелбурн, Николас Рис изрази разочараност што македонската заедница ја бојкотираше парадата Мумба, поради неговата директива, практично забраната за употреба на знамиња со сонцето од Кутлеш.

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа е навистина разочарувачки. Мислев дека ќе се најдеме таму и со нетрпение очекував да ги видам на парадата. Мислам, ‘Мумба’ е ден за забава. Тоа е време за семејна забава. Древните караници за знамиња и други работи, навистина се надевам дека ќе можеме да ги оставиме дома и едноставно да излеземе и да уживаме во денот“, го цитира градоначалникот Рис, австралиската телевизија Еј-Би-Си њуз.

Заедницата на македонски уметнички организации на државата Викторија (ФОМКУД) одлучи да ја бојкотира Мумба (MOOMBA) парадата на градот Мелбурн во 2026 година на која требаше да учествува вчера, на 9 март.

Причината е што организторите не дозволија да се користи знамето со сонцето од Кутлеш.

,,По внимателни и долги консултации со нашите здруженија-членки и кореографи, ФОМКУД и претседателите на македонските културно-уметнички друштва на Викторија заедно одлучија да не учествуваат на денешната Мумба, парада на градот Мелбурн во 2026 година. По месеци напорна работа од страна на нашите танчери, кореографи и сите вклучени, ова беше тешка и горчлива одлука. Никој не е задоволен од тоа како сме доведени до оваа точка, или од опциите пред нас. Како што многумина од вас знаат, градот Мелбурн не ни дозволи да парадираме со нашето знаме – Ѕвездата од Кутлеш – симбол што ги претставува сите Македонци од сите региони на Македонија. Сите сме длабоко разочарани од оваа одлука. Ја носиме Ѕвездата од Кутлеш во нашите срца”, објави македонската заедница од Мелбурн.

Според ФОМКУД страста на македонската заедница за знамето на ѕвездата од Кутлеш е вистинска, моќна и очигледна во повиците до нив да се заземе став, да се спротивстави и да протестира.

„Во сето ова, ние сме и граѓани на Мелбурн и дел од пошироката заедница во Мелбурн. Сите бевме воодушевени од можноста да го претставиме нашето македонско наследство, идентитет, песна и танц пред јавноста во Мелбурн на иконската парада Мумба. Но, ако има ‘не’ за нашето знаме и идентитет од нашиот дом, градот Мелбурн, тогаш велиме ‘не, благодарам’ за откажувањето од нашето знаме и нашиот идентитет. Нема да поставиме самоуништувачки преседан, нема да ги компромитираме нашите танчери, кореографи или културно-уметнички здруженија – нема да присуствуваме”, порачаа од ФОМКУД пред одржувањето на парадата.

Сепак, правната битка на македонската заедница не завршува со бојкотот на парадата Мумба, туку Македонците во Мелбурн имаат намера да ја продолжат и по завршување на фестивалот.

„А потоа ќе превземиме легални мерки, како порано кога сакаа да ни го преименуваат јазикот и името на македонската заедница. Овие два случаи ги правно добивме“, нагласуви пред одржувањето на парадата активистот на македонската заедница во Мелбурн, Ицо Најдовски-Перин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ