Градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски, посакувајќи среќна Нова година според стариот календар, објави фотографија од центарот на Пустец, каде е запален василичарски оган во присуство на поголем број граѓани.
„Од плоштадот пред црквата во Пустец и секаде каде што се чува оваа древна традиција, ви посакувам новата година да донесе здравје, благосостојба и благослови. Нека оваа празнична радост нè обединува од поколение на поколение, со обичаи, вера и љубов еден кон друг. За многу години и со радост во секој дом“, напиша Колефски.
Во Мала Преспа, Голо Брдо и Врбник вечерва се палат василичарски огнови, се пие вино и топла ракија, се пејат песни.
„Овој празник е длабоко вкоренет во нашата македонска култура и традиција и претставува можност за зближување, почитување на обичаите и пренесување на нашето духовно и културно наследство на новите генерации“, рече Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.
Според традицијата во секое македонско семејство ширум Албанија, во Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Поградец, домаќинките утре подготуваат пита или како што ја нарекуваат мазник со паричка. Се верува дека на оној кому ќе му се падне, во текот на годината ќе му се случуваат убави нешта. Во божјите храмови се одржуваат богослужби.






