сабота, 21 март 2026

Македонците од Германија за изјавите на грчки пратеник: За македонскиот идентитет нема преговори

Неоснована дискредитација и обид за заплашување на македонската заедница, велат од Централниот совет на Македонците во Германија за изјавите на грчкиот пратеник Андреас Ворилас дадени во грчкиот парламент. Ворилас го нападна македонското здружение „Илинден“ и неговото училиште на мајчин јазик во Латцен (регион Хановер), кое е член на Централниот совет.

Објавено на

часот

Сподели

„Недозволиво е во 21 век, во рамките на Европската Унија, сè уште да постојат политички изјави кои го негираат постоењето на еден народ, неговиот јазик и културен идентитет. Ваквите ставови не претставуваат легитимен политички дискурс, туку израз на застарени и спротивни на европските вредности политики. Македонскиот идентитет е жива реалност – во Германија, во Грција и ширум светот. Тој не подлежи на политичко одобрување и не може да биде оспорен преку провокации или парламентарни изјави.

Особено остро се спротивставуваме на секој обид за дискредитација на образовната работа. Правото на нашите деца да го учат мајчиниот јазик и да го негуваат својот културен идентитет е основно човеково право и не смее да биде предмет на политички притисоци.

Воедно потсетуваме дека слични обиди во минатото немаа успех пред германските судови. Германскиот правен систем ја гарантира слободата на културно изразување и не дозволува негова злоупотреба за политички цели насочени против малцинства.

Сепак, овие случувања ги сфаќаме сериозно. Ваквите изјави не се насочени само кон поединечни здруженија, туку претставуваат закана за соживотот и културната разновидност во Европа“, се вели во реакцијата на Централниот совет на Македонците во Германија и се додава дека тие ќе продолжат решително да се спротивставуваат на секоја форма на негирање, дискриминација и заплашување – политички, правно и општествено. „Нашата порака е јасна: македонскиот идентитет не е предмет на преговори. Нашиот јазик, култура и наследство се наши – и ќе ги чуваме и браниме со гордост“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ