Меѓу нив бил и свештеникот од Пустец Алексо Темелко и Васил Стерјовски, лидер на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
„Особено задоволство беше, заедно со отец Темелко и голем број Македонци, да присуствувам на литургијата во црквата Воскресение Христово во Корча, на првата литургија како архиепископ на неговото блаженство, Јован, избраниот архиепископ на Тирана, Драч и цела Албанија. Бакнувајќи му рака му посакав успех во неговата нова должност“, објави Стерјовски на Фејсбук.
Поглаварот г.Јован 27 години беше прв човек на митрополијата во Корча и со претставниците на партијата имаа добри односи, соработка и меѓусебна почит, што ја негуваше и кон сите Македонци.

„Архиепископ Јован даде исклучителен придонес како Митрополит на Корча за православната вера, за македонската заедница во областа на Корча и за почитувањето на богослужбата на македонски јазик во Корчанската митрополија. Историски и духовен момент што не се заборава“, напиша Стерјовски.
Под закрила на Митрополијата во Корча е и областа Мала Преспа, населена со Македонци, кои во голем број ги има и во Корча и други населени места во овој округ.






