Претходно, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски објави дека Брисел ќе донесе нова стратегија за визи, која ќе значи решавање на проблемот на превозниците што веќе четири дена ги блокираат граничните премини кон шенген-зоната.
„Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е она што го баравме. По протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисел ќе донесе нова стратегија за визи, која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи“, напиша Николоски во објава на фејсбук споделуваќи дел од новините.
Извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, при презентацијата на стратегијата за визи на ЕУ и на европската стратегија за управување со азил и миграција, усвоени на денешната седница на Колеџот на комесарите, рече дека со стратегијата предлагаат да разгледаат поголема флексибилност за превозниците, како што рече, секако без да се загрози безбедноста, а во исто време и да не се променат правилата, дури кога станува збор и за безвизно патување.
Таа потенцира дека кога станува збор за прекугранични работници, кои секојдневно ја минуваат границата на ист премин, има исклучоци и флексибилност, но тоа не важи за некои други професии, каде што исто така се идентификувани предизвици, како што се возачите на камиони, спортистите и уметниците.
„Но, ние го разгледуваме тоа и во оваа стратегија за визи сега се осврнуваме на овој проблем“, додаде Виркунен, без да наведе конкретни мерки.
Таа нагласи дека со новиот систем за влез и излез (ЕЕС) не се воведени никакви нови правила кога станува збор за должината за краток простор во шенген-зоната без визи, и натаму останува можноста за престој до најмногу 90 дена во период од 180 денови.
Транспортерите од државата, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина ја почнаа блокадата на почетокот на неделата со барање да бидат изземени од новиот систем за контрола на влез и излез во ЕУ поради кој велат дека се соочуваат со економски штети и депортации.
Во меѓувреме, како што пренесуваат некои од медиумите, Здружението на транспортерите на Црна Гора донесе одлука да ги прекине блокадите откога на средба со тамошната влада дефинирале решенија за поголемиот дел од проблемите.
Првичните процени на коморите се дека дневните загуби за регионот само кај извозот изнесуваат 100 милиони евра, а веќе се алармира и за последиците со недостиг на одредени увозни производи. Последиците со економски загуби, како што се укажува, ќе има за сите држави, а не само за регионот.






