Како што информира АМСМ, сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај. Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење. На одредени патни правци кои поминуваат низ усеци и клисури можна е појава на поситни одрони.
„Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот“, соопшти АМСМ.
Оттаму, покрај внимателно и совесно управување со возилата препорачуваат задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина, согласно условите на патните правци. Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.






