„Граѓаните на Карпош со години живеат во страв поради сѐ поголемиот број на улични кучиња. Многумина избегнуваат вечерни прошетки, родителите се плашат да ги пуштат децата сами надвор, а постарите лица се затвораат во своите домови. Ова не е живот каков што го заслужуваме“, порача Лукровски.
Тој објасни дека во неговата програма предвидува перманентно, хумано и одржливо решение преку ангажман на приватно прифатилиште каде што сите кучиња ќе бидат згрижени со грижа и почит.
„Секое куче ќе биде стерилизирано, вакцинирано и згрижено во чисти и хигиенски услови, со редовна исхрана, ветеринарна грижа и можност за вдомување. Ова не е еднократна акција, туку четиригодишен проект со јасен план, контрола и одговорност“, истакна Лукровски.
Како што вели, решението се базира на вдомување на животните преку соработка со странски организации и љубители на животни, особено од северноевропските земји, со цел што повеќе кучиња да најдат нови семејства.
„Со ваков пристап обезбедуваме двоен бенефит, граѓаните ќе се чувствуваат безбедно бидејќи кучињата ќе се дислоцираат уште во првите шест месеци, а животните ќе добијат достоинствен и убав живот“, додаде тој.
Лукровски потенцира дека Карпош треба да биде пример за европска општина, без страв, со љубов кон животните и почит кон човекот.
„Карпош не смее да се помири со тоа што дваесет години по улиците гледаме глутници. Тоа јас нема да го дозволам. Ќе воспоставиме транспарентен и одржлив систем со редовна контрола од општинските служби“, нагласи кандидатот.
На крај, тој ги повика граѓаните активно да се вклучат во реализацијата на овој проект.
„Да создадеме Карпош каде што децата ќе играат без страв, старите лица ќе шетаат со спокој, а секое улично кутре ќе биде згрижено, нахрането и сакано. Овој проект не е само мерка – ова е визија за безбеден и хуман Карпош“, порача Лукровски.






