понеделник, 8 декември 2025

Лукровски и официјално е градоначалник на Карпош, конституиран и Советот на општината

Сотир Лукровски и официјално го започна четиригодишниот мандат како градоначалник на Општина Карпош. Тој вчера го прими уверението од Оштинската изборна комисија, а уверенија добија и новите советници во Советот на општината.

Објавено на

часот

Сподели

Првата, конститутивна седница на Советот на Општина Карпош ја отвори досегашниот претседател на Советот, Бранко Ристов, кој им се заблагодари на советниците од минатиот мандат за соработката, а на новите им посака успешна работа, добар дијалог и многу конструктивни дебати.

Во оваа пригода, со поздравен говор пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој најави дека општината влегува во нова етапа на одговорност, почит и работа.

„Денес не зборуваме за политичка победа. Зборуваме за доверба — довербата што ни ја дадоа граѓаните на Карпош. Тоа не е само резултат на избори, тоа е порака дека сакаат промени, ред, сигурност и живот со вистински вредности. Верувам дека вистинското лидерство не е во тоа да победиш противник, туку да создадеш средина во која сите победуваат. Имаме можност за достоинствен почеток – време кога, без разлика на политичките идеологии, сите заедно ја преземаме одговорноста да работиме за доброто на нашите сограѓани“, посочи Лукровски.

Првиот човек на Општината им вети на советниците дека ќе биде секогаш достапен за нив, кога е потребна соработка за изнаоѓање на соодветни решенија во корист на карпошани.

„Верувам и ветувам дека заедно, низ дијалог и почит, ќе изградиме локална самоуправа која ќе се развива рамномерно, со современа инфраструктура, чиста животна средина, поддршка за образованието, културата, спортот и социјалната заштита. Нашата заедничка цел мора да биде едноставна, но голема. Карпош да биде место каде граѓаните живеат достоинствено, каде институциите се отворени, и каде гласот на секој жител се слуша и се почитува. Јас сум убеден дека со континуирана работа ќе го трансформираме нашиот Карпош, кој ќе биде општина за пример!“, додаде Лукровски.

Во продолжение на конститутивната седница, со мнозинство гласови од советниците Христо Саракинов беше избран за нов претседател на Советот на Општина Карпош.

„Им благодарам од сé срце на советниците и на градоначалникот Сотир Лукровски за укажаната доверба. Оваа функција за мене претставува чест, но исто така и обврска да се залагам за еден отворен и достапен Совет, кој ќе функционира на темелите на заемна почит и соработка. Како прв меѓу еднаквите, безрезервно ќе се залагам за отворање и разгледување на конструктивни предлози и проекти, кои ќе го подигнат животниот стандард на нашите сограѓани“, истакна Саракинов.

На вчерашната конститутивна седница, советниците избраа претседатели и членови на 11 Комисии, кои во претсојниот мандат ќе заседаваат и работат во функција на Советот на Општина Карпош.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ