„Од јануари до јули годинава Македонија ја посетиле 730.793 туристи, што претставува зголемување од 10.2 отсто во однос на истиот период минатата година. Кај странските туристи имаме значителен раст од 15.1 отсто, што ја потврдува позитивната динамика на меѓународниот интерес за Македонија како туристичка дестинација. Вкупниот број на ноќевања во овој период изнесува 1.750.979, што е зголемување од 5.5 отсто во споредба со претходната година. Најмногубројни се гостите од Турција, Србија, Полска и Холандија. Овие податоци јасно покажуваат дека Македонија станува сè поатрактивна туристичка дестинација, особено за странските пазари. Тоа е резултат на активните политики и промоции што ги спроведуваме, но и доказ дека туристичката слика на нашата земја се менува во позитивен правец“, рече Љутков при обраќањето на манифестацијата во крушевскиот хотел „Панорама“.

Туризмот за Македонија е прашање од стратешко значење. Нашата географска положба – на крстопатот на Балканот, каде се сечат европските Коридори 8 и 10 – ни овозможува да бидеме транзитен центар, но и повеќе од тоа.
„Наша цел е патниците кои минуваат низ земјата да станат гости, а гостите да станат амбасадори на македонската култура, природа и гастрономија. Тоа е дел од нашата стратегија: Македонија да се развива како регионален туристички хаб кој комбинира економски раст, културна промоција и меѓународна видливост“, порача министерот за култура и туризам Љоран Љутков.
На манифестацијата беа презентирани туристичките можности и капацитети на Крушево, а беа претставени и гастрононските специјалитети како уникатност на традицијата и на културата што привлекува посетители и туристи. Воедно, Крушево ги претстави и сите предности на природните ресурси за планински и алтернативен туризам.






