Како што соопштија од Министерството за култура и туризам, на средбата што се одржала вчера била нагласена подготвеноста за продлабочување на соработката во областа на културата и туризмот преку реализација на заеднички проекти, вклучително и дигитализација на културното наследство, развој на креативните индустрии, копродукции, како и унапредување на културниот туризам.
Министрите разговарале за конкретни чекори за зголемување на бројот на турски туристи во Македонија, како и за можностите за привлекување инвеститори од Турција за развој на туристичката инфраструктура.

Соговорниците се договориле во периодот што следува да работат на конкретни заеднички проекти, со цел дополнително зацврстување на пријателството и партнерството меѓу двете земји.
Министерот Љутков, кој престојува во дводневна посета на Турција, упатил отворена покана до својот колега, министерот Ерсој, набргу да ја посети Македонија.
На средбата присуствувале и националниот координатор за туризам, Акан Махмут и амбасадорот Јован Манасиевски.






