недела, 5 април 2026

Љутков: Раководството на Синдикатот на културата против реформите и дијалогот

Раководството на Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) веќе подолг период свесно и тенденциозно пласира неточни информации во јавноста, со јасна намера да создаде погрешна слика дека јас, како министер за култура, делувам против интересите на културните работници. Ваквиот пристап е неодговорен и претставува обид за манипулација на јавноста и инструментализирање на културниот сектор за политички цели, напиша на својот фејсбук-профил Зоран Љутков, министерот за култура.

Објавено на

часот

Сподели

„Во ниту еден момент не сум ги довел во прашање правата на културните работници. Напротив, континуирано и активно се залагам за реален, а не декларативен социјален дијалог. Тоа е потврдено преку бројни иницијативи за состаноци и отворена комуникација, кои од страна на СКРМ често се игнорираат или одбиваат. Фактот што колективниот договор е истечен веќе четири години е сериозен институционален проблем. Овој застој не е резултат на недостиг на волја од моја страна, туку на однесувањето на раководството на СКРМ, кое наместо конструктивен дијалог, избра конфронтација и создавање на кризи.
Дополнително, нивното јавно пласирање информации поврзани со судски процеси пред тие да бидат донесени претставува сериозен обид за притисок врз независноста на судството и создава неприфатлив преседан.
Поднесените иницијативи пред Уставниот суд се дел од демократскиот и институционален процес. Уставниот суд е единствен надлежен да ја оценува уставноста на правните акти, а не синдикалните раководства кои се обидуваат да преземат таква улога.
Доколку дојде до поништување на Колективниот договор, тоа ќе биде директна и неизбежна последица на долготрајниот застој, систематското одбивање за дијалог и институционален притисок од страна на раководството на СКРМ. Јас лично се надевам дека до таков исход нема да дојде, но фактите јасно покажуваат дека Колективниот договор повеќепати е оспоруван пред Уставниот суд како директен резултат на нивниот пристап, кој наместо решение, произведува блокади и нови проблеми.
Синдикалните организации мора да се вратат на својата основна функција заштита на правата на работниците и да се воздржат од политичко делување, притисоци врз институции и мешање во процеси кои не се во нивна надлежност.
Обидите моето институционално делување да се претстави како ‘предавство’ се неосновани, навредливи и политички мотивирани. Вистински проблем претставува токму користењето на културните работници како инструмент за лични и политички пресметки.
Културните работници не смеат да бидат заложници на раководство кое наместо да работи во нивен интерес, систематски шири дезинформации, создава поделби и ја попречува можноста за конструктивни решенија.
Прашањето за финансиските импликации не е негирање на права, туку прашање на одговорно и одржливо управување со јавните финансии. Секој колективен договор мора да биде реален, спроведлив и во согласност со буџетските можности.
Зголемениот буџет за култура е конкретен доказ за мојата посветеност како министер кон подобрување на условите во културниот сектор, преку мерки и политики, а не преку празни декларации.
Потребно е враќање на професионалниот дијалог и прекин на политичките манипулации. Културата заслужува стабилност, институционална зрелост и партнерство, а не притисоци и лажни наративи“, се вели во реакцијата на министерот Љутков.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ