петок, 12 декември 2025

Љутков: Преку интегрирани методологии со научни знаења до заштита на културното наследство

Културното наследство, како материјален и нематеријален ресурс, бара внимателно и одговорно управување. Во средините во кои се евидентни климатските промени, деградацијата на просторот и притисокот од масовниот туризам, станува неопходно да се применат интегрирани методологии кои ги поврзуваат научните знаења и практиките и современите технологии. Заштитата на наследството во таа смисла е чин на стратешко планирање, но и чин на одговорност кон идните генерации. Тоа го истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во обраќањето пред учесниците на министерската конференција на „Советот на министри за култура од ЈИЕ – јакнење на културата во функција на одржливиот развој“ што се одржа во Охрид.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот во обраќањето посочи дека од климатските ризици до социоекономските нарушувања, видливо е дека културата не може да остане на маргините на општествениот и цивилизацискиот развој. Регионалната стратегија за културна соработка во Југоисточна Европа усвоена во Охрид во 2014 година, ги постави темелите на соработката во областа на кулутрата во регионот, но како што посочи, денес е очигледно дека формалниот избор на приоритетите мора да се прошири со функционални механизми и со зацврстена меѓусебна доверба. Културните политики се најуспешни тогаш кога се втемелени и на институционална рамка и на човечка интеракција, нивната сила произлегува истовремено од визијата и од луѓето што ја реализираат.

„Во оваа рамка, дигиталната трансформација не е само инструментализација на нови технологии, туку и создавање дисперзирани, креативни модели во пристапот, видливоста и учеството во културата. Преку дигитализацијата ја прошируваме можноста културата да стане достапна без просторни и социјални ограничувања. Таа истовремено го засилува потенцијалот на културните и креативните индустрии, како значаен сегмент од современите економии“, рече тој.

Министерот уште ја нагласи знајачната улога што во тој контекст ја имаат локалните заедници, за кои рече дека не се само носители на традицијата, туку клучни актери кои ја одржуваат културата како жив процес.

„Кога граѓаните се вклучени во креирањето, интерпретацијата и заштитата на културните практики, се создава стабилна основа за долгорочна одржливост и автентичен развој. Во оваа смисла нашата заедничка иницијатива за воспоставување Регионален фонд за културна соработка може да биде важен институционален чекор кој има потенцијал да обезбеди стабилност, предвидливост и професионализација на регионалните активности“, рече меѓу другото Љутков.

Свое обраќање пред учесниците на собирот имаше и и директорката на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа, со седиште во Венеција, Магдалена Ландри, која истакна дека регионот на ЈИЕ претставува простор со исклучителна културна разновидност и долг континуитет на креативност и отпорност, а УНЕСКО повеќе од три децении ги поддржува напорите за негово зачувување и унапредување.

„Ваквите средби и документите што произлегуват од нив се потврда на вашата визија да ја интегрирате културата како двигател на развојот, зајакнувајќи ги институциите, креативните сектори и регионалната соработка. Вашата работа силно се совпаѓа со приоритетите на MONDIACULT 2025—од унапредување на културните права и вградување на културата во образованието, до развој на културната економија, промоција на мирот, зајакнување на отпорноста на наследството и етичка употреба на дигиталните технологии и вештачката интелигенција. Посветеноста на земјите од регионот кон заштита на наследството, одржлив туризам и справување со современи закани ја истакнува клучната улога на културата во создавање инклузивни и отпорни општества“, рече таа.

Директората на Регионалното биро на УНЕСКО рече дека уживала во можноста да го разгледа Охрид, како културно-историско богатство заштитено од УНЕСКО, да ужива во она што го видела.

„Видов голем број археолошки локалитети, споменици на прекрасно културно и религиско наследство. Мора да се признае дека се гледаат напорите спроведени за нивна заштита. Она што навистина е очигледно е длабочината и испреплетеноста на различните нации, наследства втемелени во една прекрасна комплетна слика“, рече Ландри.

На министерскиот состанок во Охрид беше усвоена и Декларацијата „Одржливи културни модели за иднината“, за кој беше истакнато дека не е само обичен документ, туку важен чекор во создавање единствен простор на културни стандарди, развој и меѓусебна координација, во насока на создавање и креирање регион што ќе биде стабилен, инклузивен и способен да го користи сопствениот културен потенцијал како двигател на развојот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ